Интервју со Вики Ристоска-Чадиковска: ТВ магазинот „Приказна“ е роден од желбата да се раскажат вистински, инспиративни и значајни теми кои имаат потенцијал да иницираат промени

Интервју со Вики Ристоска-Чадиковска, новинар, автор и уредник на документарниот ТВ магазин „Приказна“ и електронската публикација prikazna.mk, во кое говори за уникатниот концепт на ТВ магазинот кој е нејзина лична идеја и чија цел е да се да покаже дека секој може да научи, како од своето искуство, така и од искуството на другите. Секоја емисија е посебна, секоја обработува длабоко анализирани теми и секоја има цел да инспирира и да поттикнува позитивни промени. 

- „...Визијата на „Приказна“ е дека секој од нас е важен, и столарот, и земјоделецот и учителката … и ти, со својата лична приказна“, - вели Вики Ристоска-Чадиковска. 

Ристоска-Чадикоска зборува и на тема алтернативен туризам и сите негови облици, теми кои неретко се обработувани во „Приказна“. Говори и за родовата (не)еднаквост и за тоа во која насока треба да се движи борбата за рамноправност. 

- „Жената не треба да се извинува што е амбициозна, гласна, одлучна. Мораме да создадеме средина во која грижата за домот е еднакво важна и машка обврска, а кариерата треба да е слобода и избор, а не привилегија. Жените можат сè, само ако им се даде еднаква можност и време“,  вели Вики Ристоска-Чадиковска во интервјуто за „Марили“.

МАРИЛИ: Во изминативе пет години особено сте препознатлива по документарниот ТВ магазин „Приказна“ кој концепциски е уникатен и остава силен впечаток. Емисијата е автентична, успешно се емитува со години и е многу гледана. Дали концептот на емисијата е Ваша идеја или пак е резултат на истражувања и анализи на емисии со слична тематика, кои се популарни на светско ниво?

РИСТОСКА – ЧАДИКОВСКА: „Приказна“ е моја лична идеја, родена од желбата да се раскажуваат вистински, инспиративни и значајни теми, кои имаат потенцијал да иницираат промени.

Не се водев од формати од странство, туку од чувството дека на македонските медиуми им треба простор кој нуди содржина со вредност и смисла. „Приказна“ не е само емисија – тоа е начин на гледање на светот.

Животот се состои од различни приказни, некои се среќни, некои тажни, но секоја од тие приказни е свој приказ на доживувања кои треба да се споделат, за да се разберат. Секоја тема која ја обработуваме, ја истражуваме детално, со цел да ги откриеме сите агли и да ги пренесеме сите различни поуки, кои ќе бидат знаење за секој од нас.

Сакавме да покажеме дека секој може да научи, како од своето искуство, така и од искуството на другите. И затоа визијата на Приказна е дека секој од нас е важен, и столарот, и земјоделецот и учителката … и ти, со својата лична приказна.

МАРИЛИ: Силно се забележува и афирмативниот, поучен и позитивен пристап кој е присутен во проектот „Приказна“. Дали сметате дека ваквиот пристап ја прави емисијата поразлична од другите емисии и ја прави погледана и попривлечна од останатите? Планирате ли новини во однос на емисијата?

РИСТОСКА – ЧАДИКОВСКА:  Да, верувам дека луѓето се заситија од сензационализам и негативност. Сакав емисија која ќе е гласна – но со суштински поуки, знаење и конкретни насоки, наместо критизерство.

Токму и затоа зборуваме и истражуваме гласно како да станеме подобри родители денес, како да бидеме човечни, како да прифатиме дека менталното здравје е од исклучителна важност, како да научиме да бидеме подобри колеги на работа, да препознаеме кога сме жртви на насилство … Ова се суштински животни приказни за кои треба да се зборува гласно, постојано и постојано.

За нас е важен и гласот на јавноста, затоа и настојуваме да ги слушнеме нивните пораки, нивните забелешки, да го провериме и потврдиме она што сакаат да ни го пренесат и да го видат кај нас.

Во ова море на информации и зачестен говор на омраза, сакаме да укажеме дека сите имаме право на став, но и почитување на ставот на другите. Сакаме да се слушаме, без навреди и омаловажувања.

Затоа и настојуваме да одговориме буквално на секој кој се обидува да комуницира со нас, притоа сакаме да сфатиме дали пораките се правилно разбрани, како што сакаме да бидат испратени.

Секако дека размислуваме за новини, како во визуелниот идентитет, така и во начинот на интеракција со публиката. Има уште многу за истражување. Живееме во едно брзо време на бројни промени. Тие во иднина ќе се случуваат и повеќе, но и подинамично, благодарение на дигиталната револуција. Ова е тренд кој ќе мора да се следи внимателно.

МАРИЛИ: Женското претприемаштво, лидерство и менаџерство се чести теми во „Приказна“. Колку вашите анализи и сознанија говорат за напредокот на женското претприемаштво и кои се главните недостатоци во делот на женското лидерство? Што според Вас треба да се преземе, за да се подобрат актуелните состојби?

РИСТОСКА – ЧАДИКОВСКА:  Се движиме напред, но бавно. Главен проблем е недостигот на поддршка – институционална, финансиска, менторска. Жените имаат потенцијал, но им треба простор и систем кој нема да ги обесхрабри уште на стартот. Родова еднаквост не се добива – се изборува. И за тоа мора сите заедно да се гласни.

И нашите анализи укажуваат дека жената – претприемач во Македонија ретко користи грантови, кредити, или друга финансиска помош, но изразува заинтересираност да користи средства од фондовите за развој на претприемништвото. Ретко користи консултантски услуги, а токму тие може да придонесат за успешна приказна.

Сè уште е мал бројот на жени лидери. Жените кои имаат јавна функција, се под двојна лупа, а според бројни критики, треба да бидат совршени и безгрешни, како принцези во бајка.

Жената речиси секогаш се идентификува со домот и семејството, а мажот со управувањето и раководењето. Жената мора да се докажува двојно. Жените се оценуваат покритички од мажите во професионалните средини. Ова е поврзано со стереотипите кои претпоставуваат дека жените сè помалку компетентни за лидерски улоги, што резултира со поригорозни стандарди за процена.

Токму и затоа сакаме да им дадеме простор на жените кои може да инспирираат.

МАРИЛИ: Какви се сознанијата во однос на туризмот во нашата држава, со оглед на тоа дека ги третирате и овие теми во емисијата? Кажете ни нешто за регионалното поврзување и развојот на алтернативниот туризам во земјава?

РИСТОСКА – ЧАДИКОВСКА:   Македонија има сè – природа, автентична култура, вкусна храна, луѓе со душа. Но, нема стратегија. Алтернативниот туризам – како Еко, рурален, планински – е шанса да бидеме различни од соседите. Сè додека не го согледаме тоа, ќе останеме само „скриена дестинација“.

Минатата година вклучивме репортажа на обработените теми и надвор од Македонија, со цел да видиме кои се искуствата и приказните од регионот. Да откриеме каде се тие, каде ние, што е подобро и кое искуство би можело да се примени и кај нас. Споредбите се одличен начин за препознавање на можностите и потенцијалите за развој. Во таа насока, обработивме и неколку теми во кои дадовме приоритет на туризмот.

Македонија има голем потенцијал за развој токму на типовите туризам што се препознаваат во руралниот туризам, екотуризмот, адреналинскиот, спортскиот туризам …

Кајакарење како спорт е многу популарно во Македонија, особено на кањонот Матка и на Охридското и Преспанското Езеро. Езерата нудат одлични места за кајакарска регата. Ова е одличен спорт за оние кои сакаат забава, вода и адреналин. Тука се крие силен потенцијал.

Планинскиот велосипедизам станува се позастапен спорт во Македонија, каде постојат буквално илјадници вон-теренски и крос патеки. Секој планински клуб изнајмува велосипеди и организира регионални тури за планински велосипедизам и помали локални тури. Клубовите дополнително го поттикнуваат развојот на велосипедски патеки низ Македонија, како и на локалниот одржлив туризам за историските и природните локалитети од интерес.

Спа туризмот, како специфичен вид на туризам во светски рамки бележи постојан пораст и претставува значаен дел од туристичката понуда на голем број земји. И Македонија не заостанува зад Европа по бројот на минерални и термоминерални извори кои постојат. Но она што недостасува се законските промени, особено во делот на туризам на банските капацитети и стратегија за туризам. Во оваа насока, искуствата од регионот, може да најдат практичност. Промоцијата на спа туризмот и бањските центри на национално ниво е од големо значење за неговиот развој

МАРИЛИ: Во екот на летната сезона, кои се Ваши омилени туристички дестинации во Македонија? Дали практикувате алтернативни форми на туризам и кои се тие?

РИСТОСКА – ЧАДИКОВСКА:   Охрид ми е секогаш на прво место, па Преспа, Берово, Галичник, Дебар … и секое село каде што има мир и вкус на традицијата. Обожувам пешачење, дегустирање локални храни, разговори со луѓе кои не се на сцена – тие се најавтентичните приказни. „Спирит оф Преспа“ е навистина одличен избор кој би сакала да го истакнам, затоа што се најдобрата разгледница и препорака за тој регион.

Етно Лукс ми е местото кое ми избор како следна локација која треба да се посети во Македонија. Содржински го поседува сето она што мене ми се допаѓа, чист воздух, трпеза полна со домашна храна, приготвена со љубов и одлични домаќини.

МАРИЛИ: Во професионалните новинарски води „пливате“ веќе 30 години. Накусо, раскажете ни го Вашето новинарско портфолио и колку новинарството е присутно во вашата актуелна позиција како директор на маркетинг сектор во Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа ДОО Скопје?

РИСТОСКА – ЧАДИКОВСКА:   Во медиумите сум од дете. Започнав многу млада, од радио, па телевизија, онлајн медиум … Секој медиум, секоја улога ме научи на нешто.

Маркетингот пак е мојата професионална определба, во која секако, новинарството има силно влијание. Да бидам искрена, секогаш мислам како новинарка – критички, одговорно и со намера да ја раскажам вистинската приказна. Ми се чини, дека тоа буквално тече во моите вени.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена во својата професија, мајка и сопруга, а тоа значи дека балансот и организациските способности Ви се постојано „наострени“. Па оттаму, која е Вашата порака, што треба да се смени и кон што треба да е насочена борбата за родова еднаквост, за да може што повеќе жени да се реализираат кариерно и да бидат на лидерски позиции?

РИСТОСКА – ЧАДИКОВСКА:   Пред сè, да се тргне вината. Жената не треба да се извинува што е амбициозна, гласна, одлучна. Мораме да создадеме средина во која грижата за домот е еднакво важна и машка обврска, а кариерата треба да е слобода и избор, а не привилегија.

Жените можат сè, само ако им се даде еднаква можност и време. Тие се посветени, храбри, инспиративни и треба да го добијат своето место кое го заслужуваат. Ни требаат повеќе жени на раководни функции, ни требаат повеќе жени во политиката, ни треба и премиерка. Поголема вклученост на жените секогаш води до подобра економија.

МАРИЛИ: Што е она што Ве релаксира во слободното време? Имате ли некое хоби или пасија која ви ги „полни батериите?

РИСТОСКА – ЧАДИКОВСКА:   Тишина, книги, патувања. Сакам да пешачам, тоа е мојот начин за релаксирање. Сакам цвеќиња, тие се моето хоби на кое сум силно посветена. Го сакам и готвењето.

Приготвувањето на храната и нејзиното аранжирање, се начин за моето ресетирање.

Сакам рано наутро да се будам со изгрејсонцето, да уживам во спокојот кој го буди тишината. Сакам и да пишувам. Тоа ме враќа кон себе.


Статијата е прочитана 761 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско