„Дајмонд Дентал и Естетик Центар“ - Совршени насмевки и природен изглед преку современи естетски решенија

Интервју со д-р Даниела Михајловска, сопственичка и генерална менаџерка на „Дајмонд Дентал и Естетик Центар“ во Скопје и Гостивар, компанија која е основана пред повеќе од 15 години и успешно опстојува на македонскиот пазар. Визијата на д-р Михајловска, уште од почетокот, е да создаде место каде стоматологијата и естетиката се спојуваат и да понудат врвни услуги со највисок квалитет. Покрај специјализацијата во ортодонцијата, д-р Михајловска веќе долг период активно работи и во областа на фацијалната естетика и е пионер во воведувањето на филери во нашата држава. 

„Приказната со филерите започна пред повеќе од една деценија кога забележав дека пациентите имаат сè поголема потреба од комплементарни услуги што се дополнување на стоматолошките третмани... Денес со гордост може да кажам дека сум пионер во воведувањето филери во нашата држава....Постојано учествувам на светски конгреси, специјализирани работилници и семинари. Овие искуства ми овозможуваат да ги применувам најмодерните методи за регенерација и подмладување на кожата, обезбедувајќи им на пациентите природен изглед и долготрајна свежина.“ - вели д-р Михајловска. 

Д-р Даниела Михајловска е овогодишна лауреатка, прогласена за една од најуспешните жени менаџери од земјава и региониот на 29-тото издание на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, во организација на агенција „Марили“. 

МАРИЛИ: Д-р Михајловска, од кога постои „Дајмонд Дентал и Естетик Центар“ и со кои дејности се занимава? Лоцирани сте во Скопје, но и во Гостивар. Каква е фреквенцијата на пациенти во двата центра?

Д-Р МИХАЈЛОВСКА: „Дајмонд Дентал и Естетик Центар“ е основан пред повеќе од 15 години и од почеток наша визија е да создадеме место каде што стоматологијата и естетиката се спојуваат за да понудат највисок квалитет на услуги.

Наша цел е да обезбедиме не само здрави и убави насмевки туку и да ја истакнеме природната убавина на лицето преку современи естетски решенија.

Работиме со врвна опрема и материјали, а нашиот тим е составен од високо квалификувани стручњаци. Центрите во Скопје и во Гостивар секојдневно ги посетуваат голем број пациенти.

Во Скопје има поголема фреквенција, тоа е очекувано поради метрополскиот карактер, но и центарот во Гостивар ужива голема доверба од пациентите во регионот.

Оваа динамика е резултат на нашата континуирана работа, исклучителен професионализам и посветеност на секој пациент.

МАРИЛИ: Покрај тоа што сте стоматолог, специјалист ортодонт, Вие се занимавате и со фацијална естетика за што сте експерт. Објаснете поконкретно што всушност значи КОЛ-Цитосијал тренер и мастер за АПТОС?

Д-Р МИХАЈЛОВСКА: Покрај специјализацијата во ортодонцијата, веќе долг период активно работам во областа на фацијалната естетика.

Како сертифициран тренер за филерите Citossial, моја задача не е само да ги применувам најновите техники за разубавување туку и да обучувам други професионалци како да го постигнат најдоброто за своите пациенти.

Титулата мастер за АПТОС подразбира врвна експертиза во користењето нехируршки методи за затегнување на кожата и редефинирање на лицевите контури.

Овие методи овозможуваат подмладување без хируршка интервенција, со минимално време за рехабилитација и долготрајни резултати. Како експерт, редовно учествувам на меѓународни конгреси и обуки и тоа ми овозможува да бидам во тек со сите иновации во оваа област.

МАРИЛИ: Вие сте пионер во работењето со филери. Како започна оваа приказна и колку вложувате во постојана едукација во делот на anti-aging, односно третмани против стареење на кожата?

Д-Р МИХАЈЛОВСКА: Приказната со филери започна пред повеќе од една деценија кога забележав дека пациентите имаат сè поголема потреба од комплементарни услуги што се дополнување на стоматолошките третмани.

Моето образование и усовршување во оваа област започнаа со многубројни обуки и практична работа, а денес со гордост може да кажам дека сум пионер во воведувањето филери во нашата држава.

Во делот на anti-aging секогаш тежнеам кон усовршување и иновација. Постојано учествувам на светски конгреси, специјализирани работилници и семинари.

Овие искуства ми овозможуваат да ги применувам најмодерните методи за регенерација и подмладување на кожата, обезбедувајќи им на пациентите природен изглед и долготрајна свежина.

МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер, специјалист по стоматологија, според Вашето мислење, што е пресудно за успех во кариерата?

Д-Р МИХАЈЛОВСКА: Успехот во кариерата не е нешто што се случува преку ноќ, тој е резултат на многу труд, посветеност и јасно дефинирани цели. Пресудно е да имате визија за тоа каде сакате да стигнете, но и способност да се адаптирате на промените и предизвиците. За мене, комбинацијата од дисциплина, континуирана едукација и тимска работа е клучна за секој успех.

Дополнително, поддршката од блиските е од огромно значење. Како менаџер секогаш се трудам да го мотивирам мојот тим и да создадам позитивна работна атмосфера. Успехот не е само личен туку и тимски - кога сите се чувствуваат вреднувани, резултатите се неизбежни.

МАРИЛИ: Која е д-р Даниела Михајловска приватно? Што Ве релаксира и исполнува по долгиот работен ден? Како ги организирате професионалните и приватните активности и дали наоѓате време за некоја Ваша пасија или хоби?

Д-Р МИХАЈЛОВСКА: Приватно сум сопруга, мајка и голем поддржувач на семејните вредности. Моето семејство е моја најголема сила и инспирација.

По напорниот работен ден времето поминато со најблиските ми помага да се релаксирам и да ја обновам енергијата. Сметам дека балансот помеѓу професионалните и приватните активности е клучен за среќен и успешен живот.

Кога станува збор за хоби, спортот, особено пливањето, игра голема улога во мојата рутина. Тој ми овозможува физичка и ментална релаксација.

Исто така, сакам да читам, особено литература што ми помага да се усовршам и професионално и лично. Ова ми помага да останам мотивирана и секогаш да тежнеам кон нови предизвици.

 

 


Статијата е прочитана 214 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско