За првпат во регионот, единствени стручни студии за Менаџмент на квалитет во „Бизнис Академија Смилевски“

Во пресрет на новата академска година интервју со Виш пред. м-р Иван Ѓорѓиевски, Генерален менаџер на групацијата БАС. Групацијата се состои од ДЕТРА Центар која се занимава со „in-house“ компаниски консалтинг, БАС Институтот за менаџмент и Бизнис Академија Смилевски.
„Една стара народна вели: „Кога врне – истура!“ – па така, оваа година имаме доста приоритети пред нас, особено со фактот дека за првпат во историјата на БАС имаме пет студиски програми, од летово имаме и нови модерни простории во Скопје кои ќе ни овозможат сите процеси на работа да ги кренеме на повисоко ниво!“, вели м-р Иван Ѓорѓиевски, кој во интервјуто најави дека од оваа академска година ќе делуваат во нови простории во центарот на Скопје.
БАС во моментов нуди студиски програми за бизнис, маркетинг менаџмент, a новитет е тоа што „Бизнис Академија Смилевски“ за првпат во регионот воведува стручни студии за Менаџмент на квалитет. Оттаму најавуваат и нови иницијативи и партнерства со домашни и странски компании.
МАРИЛИ: Г-дине Ѓорѓиевски, најнапред честитки за новата позиција! Како се чувствувате на почетокот од оваа нова одговорна улога како генерален менаџер?
М-Р ЃОРЃИЕВСКИ: Благодарам за честитките, навистина ми е драго што можам, еве за првпат преку вашиот ценет медиум да ја објавам оваа вест до поширок аудиториум. Чувствата, да бидам искрен, се прилично големи и помалку мешани каде истовремено чувствувам значителна одговорност за континуитетот на она што групацијата го работи преку 30 години: создавање на професионални менаџери, а истовремено и задоволство дека оваа позиција е пополнета од сопствен продукт на самата групација.
Имено, јас сум алумни на Бизнис Академија Смилевски – дипломиран оперативен менаџер, и еве денес, преку својата колоритна академска и професионална наобразба можам да се наречам себеси – Генерален менаџер на групацијата БАС.
Тука би сакал да ја искористам приликата да се заблагодарам на моите професори и ментори, а денеска колеги, кои од мене креираа стручен, компетентен менаџер и ми ја дадоа својата поддршка и доверба да ја носам оваа навистина одговорна позиција.
МАРИЛИ: Споменавте групација, можете ли да ни објасните за што поконкретно станува збор? Која е Вашата визија, односно што би сакале да постигнете како највисок извршен менаџер?
М-Р ЃОРЃИЕВСКИ: Групацијата всушност е резултат на долгогодишната работа на проф. д-р Цветко Смилевски кој во академските кругови се смета како еден од основоположниците на менаџерското и претприемачкото образование во Македонија.
Во неговата професионална историја, во деведесеттите години, проф. Цветко ја креирал компанијата ДЕТРА Центар која се занимава со „in-house“ компаниски консалтинг, работејќи претежно на организациски промени и подигнување на раководни капацитети. Таквото неформално образование и долгогодишното искуство во асистирање на компании да ги пребродат транзициските периоди, да се трансформираат во вистински професионални и издржливи организации, доведе до идејата во 2007 година да се основа висока стручна школа која ќе даде формален карактер на стекнатото знаење и искуство до тогаш.
Па така, во 2008-та година, по поминати сериозни подготовки, Бизнис Академијата Смилевски ги отвара вратите за првата генерација на студенти – идни оперативни менаџери. На крајот, со цел да се затвори целиот технолошки и образовен процес, проф. Цветко заедно со колегите и соработниците од БАС и ДЕТРА – го основаат БАС Институтот за менаџмент, чијашто суштина се организациските истражувања од научен аспект.
Мојата визија за групацијата, односно, јас како ја замислувам групацијата за неколку години од сега е едноставна: лидери на пазарот во креирањето на менаџерите на иднината. Во овој контекст, моите драги колеги и јас, во последниот период макотрпно работевме на креирање на нови студиски програми – па така, од оваа година можеме да се пофалиме дека за првпат во регионот во нашава земја постојат професионални високи стручни студии по менаџмент на квалитет единствено на Бизнис Академија Смилевски.
Групацијата составена од Детра Центар, БАС Институтот за менаџмент и Бизнис Академија Смилевски ќе продолжи и во иднина да функционира како сеопфатна понуда во неформалното и формалното образование за бизнис, маркетинг и менаџмент.
МАРИЛИ: Како што споменавте, се работи за исклучително одговорна функција. Според вас, кои се главните приоритети на кои ќе работите оваа година?
М-Р ЃОРЃИЕВСКИ: Една стара народна вели: „Кога врне – истура!“ – па така, оваа година имаме доста приоритети пред нас, особено со фактот дека за првпат во историјата на БАС имаме пет студиски програми, од летово имаме и нови модерни простории во Скопје кои ќе ни овозможат сите процеси на работа да ги кренеме на повисоко ниво!
Клучен приоритет засега ни е репозиционирањето на пазарот со новата локација, зајакнување на присуството во социјалните медиуми и медиумите воопшто и секако, продлабочување на соработките со организации и лидери на пазарот со цел приближување на образовниот процес до вистинскиот бизнис свет.
МАРИЛИ: Како планирате да го унапредите академскиот квалитет, наставните програми и дигиталната трансформација на институцијата?
М-Р ЃОРЃИЕВСКИ: Имено, пред седум години започна проектот за креирање на соодветни, модерни и практични услови за креирање на современите менаџери. Ова лето, со огромно задоволство, можам да споделам дека БАС се пресели во нови и современи простории, каде нашите студенти и клиенти ќе можат да добијат повисок квалитет и подобри услови за стекнување на менаџерските вештини и развој на сопствените компетенции за справување со бизнис предизвиците.
Секако, во контекст на унапредувањето на наставните програми, како и досега, БАС продолжува со активно комуницирање со бизнис секторот и тековна имплементација во наставата на модерните и сегашните предизвици со кои бизнисите се соочуваат.
Во контекст на дигиталната трансформација, групацијата секогаш се обидувала да биде на границите на достапната технологија, па така, уште од својот зачеток, БАС отсекогаш употребувала дигитални алатки и дигитална инфраструктура преку која се вршел образовниот процес.
Секако, во својата работа БАС секогаш настојува да ги вметне барањата на студентите. Токму затоа, БАС, а и групацијата воопшто, секогаш настојува да биде во тек со модерните трендови аналогно на фактот дека секоја нова генерација има нови или изменети барања, па за да може една организација да опстане – несомнено е дека мора да ги имплементира или задоволи. Мојот план за унапредување вклучува значителни имплементации на соодветни дигитални алатки, АИ или други решенија - со една главна цел: подобрување на корисничкото искуство во услугите на
МАРИЛИ: Групацијата, и нејзиниот носител - Бизнис Академија Смилевски секогаш била позиционирала како практично ориентирана институција. Како планирате да ја зајакнете поврзаноста со реалниот сектор и пазарот на трудот?
М-Р ЃОРЃИЕВСКИ: По редот на нештата, образованието како општествена гранка пред сé треба да проучи, да истражи и да креира заклучоци, а дури потоа тоа изучување да го смести во учебниците и наставните програми.
Меѓутоа, лидерите и менаџерите во бизнисот, не чекаат повеќе на научниците, туку се повеќе и повеќе се потпираат на „последниот крик на технологијата“ од аспект да се заштеди на време, ресурси или пари. Последната деценија скоро сите можеме да посведочиме дека технологијата на работа, особено дигиталната технологија, значително брзо го промени светот и сите општествени парадигми.
Токму затоа, групацијата има јасна цел – да ги пронајде експертите, искусните менаџери и лидерите на модерните организации и да ги донесе пред своите студенти или клиенти. Во тој контекст, претставниците на БАС секојдневно склучуваат меморандуми и договори за соработка со различни бизниси, сопственици, искусни и докажани лидери, кои потоа преку различните методи на работа – се вклучуваат во образовниот процес на идните менаџери.
Одговорно тврдам дека моите колеги, во својот наставен процес – многу често вклучуваат тековни, модерни проблеми со кои денешните менаџери се соочуваат на секојдневно ниво. Со тоа, се обидуваме сегментот на пазарот на труд составен од професионални менаџери за мал и среден бизнис, маркетинг менаџери или менаџери за квалитет да бидат пополнети со стручни, компетентни и соодветно подготвени модерни менаџери – подготвени да одговорат на новите предизвици кои иднината ги носи сама со себе.
МАРИЛИ: Дали ќе има нови иницијативи или партнерства со домашни и странски компании?
М-Р ЃОРЃИЕВСКИ: Апсолутно! Клучна димензија на доближувањето на наставниот процес до вистинскиот бизнис сектор е всушност пронаоѓање на компаниите дома и во странство кои се подготвени дел од своето организациско знаење да го споделат со нашите студенти или клиенти.
За групацијата е од исклучителна важност да пронајде компанија која е подготвена да прими студенти на пракса, каде преку систематизиран пристап, нашиот студент ќе може во вистински време да направи поврзување на теоријата и праксата.
Преку овој двонасочен метод, всушност се исполнува мисијата на БАС – креирање на компетентни професионални менаџери – спремни за работа од првиот работен ден.
МАРИЛИ: Што им порачувате на студентите и клиентите на групацијата – сегашни и идни? Зошто би требало да ја изберат групацијата партнер во делот на формално и/или неформално образование?
М-Р ЃОРЃИЕВСКИ: Постои еден егзистенцијален факт каде секој вработен, барем еднаш во својата кариерна патека ќе се соочи со дилемата „Да се менаџира или не?“.
Оваа дилема е подлогата врз која БАС и групацијата долги години работат на развој на одговори, соодветни на модерното време. Па така, БАС во моментов нуди студиски програми за бизнис, маркетинг менаџмент и менаџмент на квалитет, кои по својата природа се современи, доближени до она што на светот во моментов му треба.
БАС Институтот за менаџмент е на границите на науката и ги истражува и проучува идните предизвици кои светот на бизнисот и менаџментот во иднина можеби ќе се појават, додека пак ДЕТРА центарот, преку својот консалтинг модел на работа – секогаш е таму кај што им се највеќе потребни на бизнисите, кај стекнувањето на организациска „резилиентност“, односно, отпорност и адаптибилност кон промените кои времето ги носи сами со себе.
Мојата порака до студентите била и секогаш ќе остане иста: „Менаџментот како наука е млада и во моментов не претставува апсолутен факт или вистинска формула за успех: она што работи за еден пазар или за една компанија – можеби нема да работи за друга, меѓутоа компетентноста за основните менаџерски функции е клучна за пребродување на сите организациски предизвици кои никнуваат секој ден“.
Статијата е прочитана 305 пати.