Интервју со Ленка Угриновска, претседателка на ЗЖМ „ЕЛИТ“: Наша визија е хуманитарната манифестација „Големо Срце“ да прерасне во препознатлива национална платформа за хуманост и општествена одговорност

Интервју со Ленка Угриновска, претседателка на Здружението на жени менаџери „ЕЛИТ“, во кое зборува за хуманитарната манифестација „Големо Срце“ која се одржа на 6-ти февруари во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид. ЗЖМ „ЕЛИТ“ е и организатор на оваа хуманитарна манифестација. 

На хуманитарната манифестција беше награден младиот маратонец од Охрид, Марко Пејчиновски, кој со своите неверојатни спортски подвизи и исклучителна борбеност, волја и верба е инспирација за младите и за целото општество. Mанифестацијата, традиционално се одржа по петти пат во чест и спомен на почината потпретседателка на ЗЖМ „ЕЛИТ“, г-ѓа  Олгица Илоска. 

МАРИЛИ: Зошто токму Марко Пејчиновски е добитник на наградата „Големо Срце“?

УГРИНОВСКА: Оваа година за наградатa „Големо Срце“ имаше неколку номинации, но се одлучивме за Марко Пејчиноски бидејќи тој е исклучителен млад маратонец и пример за спортска истрајност, дисциплина, и пред сè, човечност. Иако се соочува со сериозни здравствени предизвици, тој успева да ги поместува границите во пливањето и да испраќа силна порака дека ништо не е невозможно кога се има волја и верба.

Неговите маратони не се само спортски подвиг, туку и хуман гест – инспирација за младите и за целото општество. Со секој испливан километар на Охридското Езеро, тој ја претвора својата лична борба во надеж за другите. Тој е симбол на храброст, истрајност и човечка големина. Токму затоа сметавме дека Марко е вистинскиот носител на наградата „Големо Срце“ – затоа што неговото срце чука за другите.

Марко е доказ дека годините не се мерка за големината на делата. 

МАРИЛИ: За што ќе бидат наменети средствата собрани на хуманитарната манифестација? 

УГРИНОВСКА: Во рамки на манифестацијата, покрај плакетата „Големо Срце“ на добитникот му беа донирани и финансиски средства од ЗЖМ „Елит“ и средства добиени хуманитарна донација од присутните на настанот.

Марко Пејчиновски, како и секогаш, ќе ги искористи средствата за поддршка на лицата од социјално-ранливи категории и со здравствени потреби, со цел да им се подобри квалитетот на живот на корисниците.

Добрините се шират и заедницата се обединува околу хумана цел. 

МАРИЛИ: Што е мотив и инспирација за организирање на „Големо срце“ и кои се досегашните добитници?

УГРИНОВСКА: Оваа манифестација традиционално се одржува веќе 5-ти пат во чест и спомен на нашата почината потпретседателка Олгица Илоска, жена чија посветеност, емпатија и визија за подобро општество остануваат трајна инспирација за сите нас. Денот на доделувањето на наградата е токму нејзиниот роденден и затоа и манифестацијата најчесто се одржува во нејзиниот хотел „Инекс Олгица“ во Охрид. 

Во изминатите години наградата им беше доделена на истакнати хуманитарци, активисти, спортисти и иницијативи кои направиле реална разлика во животите на луѓето. Секој добитник е приказна за пожртвуваност, солидарност и несебична помош. 

Во 2022 година, наградата му беше доделена на Борче Стаменов за проектот „Донирај компјутер “ кој усреќи многу деца и младинци со подарените компјутери. Во 2023 година, наградата беше доделена на тимот од Пунктот за бездомници „Момин Поток“ при Црвениот крст на РСМ кои прават се за секој човек да се чуствува достоинствено.

Во 2024 гоина, наградата и беше доделена на Мариа Дуда од ранчот “The country side“, моќна млада жена која преку својот социјален бизнис вдомува болни животни, ги лечи, а потоа ги усреќува децата и луѓето со здравствени проблеми, кои во друштво на животните ја забораваат својата тага, болка или пак недостатоци. 

Во 2025 година пак, наградата и беше доделена на Весна Миленковска, млада  жена, хуманитарка од Охрид, чие „кисело лепче“ е најомилено во семејстваа каде го донира секој четврток.

Секоја година оддаваме признание на луѓе чии дела зборуваат погласно од зборовите.

МАРИЛИ: Кои се критериумите за избор и која е целта на манифестацијата?

УГРИНОВСКА: Целта на манифестацијата е да се подигне свеста за важноста на хуманоста, да се негува и ги обединува луѓето со големо срце околу заедничка мисија – помош таму каде што е најпотребна.

Основните критериумите за избор  на „Големо Срце“се базираат на:

- лична пожртвуваност и интегритет,

- влијание врз заедницата,

- инспиративна приказна што поттикнува позитивни вредности.

МАРИЛИ: Кои се идните планови на „ЕЛИТ“ во однос на „Големо Срце“?

УГРИНОВСКА: Нашата визија е хуманитарната манифестација „Големо Срце“ да прерасне во препознатлива национална платформа за хуманост и општествена одговорност.

Планираме проширување на манифестацијата со вклучување на млади лидери, регионална соработка, како и воспоставување одржлив фонд за поддршка на ранливите категории.

ЗЖМ „ЕЛИТ“ ќе продолжи доследно да ја негува културата на солидарност и да докажува дека вистинската моќ на лидерството се мери преку делата. „Големо срце“ не е само манифестација – тоа е наша мисија и вредност што ја живееме.


Статијата е прочитана 136 пати.

Сподели: