Златица Цивкароски: „Две децении посветеност и една визија што ме води напред“
Од искуство до визија: Со две децении посветеност во банкарството, Златица Цивкароски, член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, го гради својот пат со јасна визија и силно лидерство. Во ова интервју, таа објаснува како своето искуство го претвора во мотивација за другите, како ги поддржува жените во претприемништвото и како ја инспирира професионалната заедница преку пример на посветеност и решителност.
МАРИЛИ: Штаермеркише Шпаркасе, матичната групација на Шпаркасе Банка АД Скопје, изминатата година одбележа јубилејни 200 години постоење. Како ова богато наследство се рефлектира во работењето на Шпаркасе Банка АД Скопје на македонскиот пазар изминативе речиси две децении и по кои клучни специфики таа се издвојува од останатите банки?
ЦИВКАРОСКИ: Двестегодишното наследство на нашата матична групација, Штаермеркише Шпаркасе, не е само импресивен јубилеј, туку длабоко вкоренет систем на вредности кој секојдневно се рефлектира во начинот на кој работиме и носиме одлуки. За Шпаркасе Банка АД Скопје, која речиси две децении е присутна на македонскиот пазар, ова наследство значи јасна визија, долгорочен пристап и стабилен модел на раст, заснован на доверба, одговорност и одржливост.
Нашата клучна специфичност е спојот на локалното разбирање и европската експертиза. Ние сме банка која е блиску до клиентите и нивните реални потреби, но истовремено имаме силна поддршка, знаење и искуство од групација која успешно опстојува веќе два века, низ различни економски циклуси и предизвици. Токму тоа ни овозможува да настапуваме стабилно, но и флексибилно, прилагодувајќи се на потребите на македонскиот пазар.
Денес ја градиме нашата позиција како сигурен финансиски партнер низ сите животни фази на клиентите – од младите кои кај нас ја отвораат својата прва сметка и ги примаат своите први заработки, преку семејствата и малите бизниси, па сѐ до големите компании кои ни ја доверуваат својата финансиска стабилност и раст. Денес сме препознаени како една од најсилните корпоративни банки на пазарот која обезбедува континуитет, стручност и стабилна поддршка на бизнисот.
Шпаркасе Банка моментално опслужува повеќе од 160.000 активни клиенти, од кои над 40.000 се млади луѓе, сегмент во кој сме препознаени како банка број еден за млади на македонскиот пазар. Паралелно со сегментот население, сакам да ја истакнам и нашата лидерска позиција во зеленото финансирање, со над 30% пазарен удел, што ја потврдува нашата стратешка ориентација кон одржлив развој и иновации, во согласност со визијата на Штаермеркише Шпаркасе групацијата. Од личен аспект, верувам дека вистинската сила на едно вакво наследство не е само во неговата историја, туку во одговорноста што ја носи денес. За мене, тоа значи секојдневна обврска да се носат промислени одлуки, да се зачува стабилноста на институцијата, но и храброст да се воведуваат промени кога тие се потребни. Наследството не го доживувам како товар, туку како привилегија и обврска истовремено – обврска да се продолжи традицијата на доверба, но и да се создава вредност за идните генерации.
Сепак, покрај експертизата, бројките и резултатите, сржта на оваа приказна и клучната специфичност по која се издвојуваме на пазарот се луѓето и организациската култура што ја негуваме. Вербата во поединецот, силата на тимската работа и долгорочниот, одржлив пристап се темелите врз кои ја градиме Банката. Двестегодишната традиција нѐ учи дека довербата се гради долго и внимателно, а наша постојана задача е таа доверба да ја чуваме и надградуваме. Тоа можеме да го направиме единствено преку луѓето кои ја живеат оваа приказна секојдневно и кои ја носат Шпаркасе Банка напред – одговорно, стабилно и со јасна визија за иднината.
МАРИЛИ: Какво влијание имаат процесите на дигитализација и автоматизација кои се случуваат на глобално нивно, врз развојот на онлајн банкарството во Шпаркасе Банка и кој ќе биде вашиот фокус во периодот што следи?
ЦИВКАРОСКИ: Процесите на дигитализација и автоматизација во последните години суштински ја редефинираа улогата на банките на глобално ниво. Нашето уверување е дека иднината на банкарството има хибридна форма – комбинација од сигурноста и стабилноста на традиционалното банкарство и флексибилноста, брзината и достапноста на дигиталните решенија. Во Шпаркасе Банка, овој хибриден пристап го градиме врз довербата на клиентите, персонализираните дигитални услуги и експертското советување од нашите тимови.
Овој пристап го дефинираме како „digital first, human powered“ модел. Нашата дигитална стратегија не е водена од технологијата сама по себе, туку од реалните потреби на клиентите. Денес тие очекуваат своите банкарски активности да ги извршуваат брзо, безбедно и од кое било место, во кое било време. Токму затоа Шпаркасе Банка прави значајна стратешка инвестиција од над 10 милиони евра во дигитална трансформација, со силен фокус на развојот на мобилното банкарство и високите стандарди за сајбер-безбедност и заштита на податоците.
Во рамки на групациската стратегија под мотото „Mobile is king“, на нашите клиенти денес им овозможуваме голем дел од услугите целосно да ги реализираат преку паметен телефон – од ажурирање лични податоци, онлајн отворање депозити, онлајн аплицирање за потрошувачки кредит, до брзи и сигурни плаќања. Нашата цел е мобилната апликација да прерасне во централна платформа за управување со личните финансии, а не само во алатка за извршување трансакции.
Истовремено, свесни сме дека луѓето се клучниот двигател на секоја успешна трансформација. Затоа значаен дел од инвестициите ги насочуваме кон човечкиот капитал – преку континуирани обуки, доквалификации и развој на нови вештини во области како анализа на податоци, автоматизација, роботизација и вештачка интелигенција. Технологијата им овозможува на нашите тимови да се ослободат од рутинските процеси и да се фокусираат на она што носи најголема вредност за клиентите: персонализирана грижа, квалитетно советување и креирање иновативни финансиски решенија.
Иако е јасно дека дигиталните производи со текот на времето ќе стануваат сѐ послични кај сите банки, нашата долгорочна конкурентска предност ја гледаме во квалитетот на односот со клиентите и советодавната улога што ја имаме. Нашиот фокус во периодот што следи ќе биде создавање едноставни, стабилни и корисни дигитални решенија кои прават вистинска разлика во секојдневието на клиентите и им носат реална додадена вредност.
МАРИЛИ: Споменавте дека Шпаркасе Банка има лидерска позиција во зеленото финансирање. Како оваа стратегиска ориентација се одразува на развојот и поддршката на бизнис секторот?
ЦИВКАРОСКИ: Лидерската позиција на Шпаркасе Банка во зеленото финансирање е израз на нашата стратешка определба да го поддржуваме одржливиот развој на македонскиот бизнис сектор. Нашиот пристап е двојно ориентиран: да ги финансираме инвестициите што водат кон енергетска и економска транзиција и истовремено да обезбедиме експертска поддршка за здрав раст на компаниите.
Во последните години, преку проектно и зелено финансирање, обезбедивме значајна поддршка за инфраструктурни и енергетски проекти со стратешко значење за економијата, со пазарен удел од над 30% во зеленото финансирање. Ова ја потврдува довербата на компаниите во нашата експертиза и го истакнува нашето водство како финансиски партнер кој не само што обезбедува капитал, туку и стратешки го насочува развојот и активно делува со својата советодавна функција.
Нашата работа во корпоративниот сегмент се карактеризира со долгорочна посветеност и персонализиран пристап. Токму таа предност ја препознаа повеќе од 80% од 200-те најуспешни компании во земјата кои се наши клиенти. Дополнително ќе истакнам дека во изминатите четири години, корпоративното портфолио порасна за над 53%, што значително го надминува растот на пазарот. Особено се посветуваме на малите и средните претпријатија, кои се двигатели на економската активност, како и на секторите енергетика, градежништво, производство и трговија.
Паралелно, нашата соработка со меѓународни финансиски институции, како ЕБОР, ЕИБ и ГГФ, преку кои обезбедуваме пристап до поволни зелени фондови и грант-компоненти, дополнително ги поддржуваме компаниите во инвестирање и одржлив раст. Со комбинација на регионална експертиза, локално знаење и силна групациска поддршка, нудиме комплетна финансиска поддршка во секоја фаза од работењето на компаниите.
Шпаркасе Банка, како што напоменав, не настапува само како финансиер, туку како партнер во енергетските проекти, активно учествувајќи во структурирање на Договори за откуп на енергија (PPA), договори кои обезбедуваат стабилен готовински тек и соодветна заштита и за инвеститорите и за Банката. Паралелно, активно сме вклучени во предлагање на поинакви Договори за откуп на енергија (PPA), концепт на Договори за разлика во цена - CfD концепти, за зголемување на банкарската одржливост на проектите, како и поддршка на големи државни инфраструктурни проекти. Значаен фокус веќе имаме и на финансирањето на батериски системи за складирање енергија (BESS), кои носат дополнителни приходи за инвеститорите и придонесуваат за поголема стабилност на енергетскиот систем.
На овој начин, лидерската позиција во зеленото финансирање ја обликува нашата стратегија, ја зајакнува довербата на компаниите и ја поставува Шпаркасе Банка како стратешки партнер кој активно го води развојот на македонскиот бизнис сектор кон одржлива и иновативна иднина.
МАРИЛИ: Повеќе од 20 години сте дел од банкарскиот сектор, а речиси две години сте член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје. Како жена со децениско менаџмент искуство, колку континуитетот и долгогодишната експертиза се важни за успешно менаџирање и раст на една институција?
ЦИВКАРОСКИ: Кога размислувам за својот пат во банкарството, секогаш се потсетувам дека секој успех е резултат на години работа, постојано учење и внимателно носење стратешки одлуки. Но, подеднакво важно е да се нагласи дека ваквиот професионален развој не би бил можен без силната поддршка од семејството – и во секојдневните обврски, и во моментите на отсуство поради неопходни службени патувања. Таа стабилност и разбирање создаваат основа врз која може да се гради долгорочна кариера со висок степен на одговорност. Воедно, зад секој успешен лидер стои и квалитетен тим на луѓе од доверба, кои ја следат визијата, ја разбираат динамиката и умеат да размислуваат во иста насока.. Тим што размислува во ист правец и го чувствува темпото, претставува темел за ефикасни одлуки и стабилна организација. Ништо не се случува преку ноќ и зад секоја позиција, секој успех, секоја донесена одлука, стои многу посветеност, трпеливост и одговорност.
Јас ја започнав својата кариера пред повеќе од дваесет години како кредитен референт за физички лица. Oд самите почетоци имав ментори кои несебично го делеа своето знаење и можеа да ја препознаат желбата за учење и надградба, и бев вклучена во проекти кои бараа внимание кон деталите и системско размислување. Тие први години ми овозможија да разберам како функционираат процесите во целина, како се управува со ризици и како се гради доверба со клиентите, но уште поважно – ми ја потврдија страста кон работата што ја избрав. Верувам дека кога нешто го работите со жар во очите, со искрена посветеност и внатрешна мотивација, успехот е неизбежен и доаѓа како природен резултат.
Со текот на годините, работев на различни менаџерски улоги претежно во областа на управување со сите типови на ризици во банкарското работење, а секоја позиција ми овозможуваше да стекнам стратешко искуство и да развијам лидерски способности. Токму таа постојана љубопитност и желба за напредок ме мотивираа континуирано да учам и да се развивам. Континуитетот беше клучен, затоа што само со долгорочно присуство, посветеност и продлабочена експертиза може да се носат одлуки со значителен и траен ефект.
Веќе две години сум член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, со надлежност за стратешко управување со ризици, кредитен ризик, усогласеност со прописи, активности од областа за спречување на перење пари, управување со правни ризици, како и активности за координација на информативна сигурност. Во оваа улога, континуитетот ми овозможува да го комбинирам долгогодишното практично искуство со стратешка перспектива, а страста кон работата да ја претворам во конкретни решенија кои придонесуваат за стабилноста и развојот на Банката. Тоа значи да се гради организациска култура која поттикнува професионалност, иновации и одржливост, а истовремено да се одржува довербата кај клиентите и партнерите.
Како жена со речиси две децении менаџерско искуство, верувам дека лидерството не се мери со бројот на стекнати позиции, туку со способноста да се водат и мотивираат тимови, да се донесуваат одлуки со долгорочен ефект и да се создаде средина во која луѓето заедно со вас можат да растат. Континуитетот овозможува институцијата да одржува рамнотежа помеѓу стабилноста и иновациите, а страста кон работата да биде двигател кој ја носи напред. Денес, секој мој избор, секоја иницијатива и секој проект се водени од ова сознание – дека долгорочниот успех се гради преку стратешка експертиза, искрена посветеност, континуитет и љубов кон она што го работите. Тоа е основата која ја прави Шпаркасе Банка стабилен и доверлив партнер за клиентите, тимовите и целата заедница.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрување на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво имаат проектите како манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ која се одржува веќе 30 години?
ЦИВКАРОСКИ: Проектите како манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која успешно се одржува веќе три децении, имаат исклучително значајна улога во унапредувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво. За мене, оваа иницијатива претставува симбол на вреднување на трудот, посветеноста и влијанието што жените го имаат во современиот бизнис и во поширокото општество.
Овој проект не само што ја зголемува видливоста на успешните жени во деловниот свет, туку создава и силна платформа за размена на искуства, знаење и добри практики, кои служат како инспирација и поттик за идните генерации жени лидери. Таквите примери се исклучително важни, бидејќи покажуваат дека лидерството има многу форми и дека успехот е достижен кога постои поддршка и јасна визија.
Во современиот бизнис амбиент, родовата еднаквост не е само прашање на фер пристап, туку и стратешка вредност која придонесува за посилни, поиновативни и поефикасни организации. Во Шпаркасе Банка, половина од членовите на Управниот одбор и над 60% од вработените се жени, што јасно покажува дека жените не само што учествуваат, туку активно ја креираат стратегијата, организациската култура и идниот развој на институцијата. Овие резултати потврдуваат дека кога жените се поддржани и охрабрени, тие носат нови перспективи, енергија и одржливи решенија со реално општествено и економско влијание.
За мене, најголемата вредност на ваквите иницијативи е нивната инспиративна моќ. Тие ги охрабруваат младите жени да веруваат во својот потенцијал, да се стремат кон лидерски улоги и активно да инвестираат во својот професионален развој. Ваквите проекти јасно испраќаат порака дека успехот не е прашање на род, туку на знаење, посветеност, интегритет и храброст да се носат одлуки.
Статијата е прочитана 194 пати.


























