„Сава oсигурување“ – Синоним за иновативност, доверба и сигурност
Интервју со Мелита Гугуловска, генерална директорка на „Сава oсигурување“ а.д. Скопје, компанија која е лидер и успешно опстојува повеќе од три децении на македонскиот осигурителен пазар, а под брендот Сава речиси 20 години. Сава oсигурителната групација претставува диверзифицирана групација што, покрај друштва за осигурување, опфаќа пензиски друштва, инвестициски фондови, здравствени установи, асистентски друштва и софтверска компанија во регионот.
Генералната директорка Гугуловска е еминентна, докажана менаџерка во областа на финансиите и осигурувањето, веќе 20 години е на менаџерска позиција во „Сава oсигурување“, од кои девет години е и член на Управата на друштвото.
За долгогодишното, успешно, континуриано менаџирање и траен придонес кон македонската економија, во април годинава Гугуловска беше наградена со статуетка „Жена водилка“ на јубилејната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“, во организација на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Од кога датира „Сава oсигурување“ а.д. Скопје и кои дејности ги опфаќа? Кои се специфичните предности што ве прават поинакви и препознатливи?
ГУГУЛОВСКА: „Сава oсигурување“ а.д. Скопје е присутно на пазарот повеќе од 30 години, а под брендот Сава речиси две децении. Сава oсигурителната групација претставува силна и диверзифицирана групација што, покрај друштва за осигурување, опфаќа пензиски друштва, инвестициски фондови, здравствени установи, асистентски друштва и софтверска компанија во регионот.
Нашето друштво е регистрирано за неживотни осигурувања и низ годините изгради имиџ на доверба, сигурност и стабилност. Иако немаме секогаш најголемо учество на пазарот, секогаш сме биле први во иновациите, што нè прави препознатливи и единствени. Фокусот секогаш е ставен на клиентите - ги следиме нивните потреби, но и нивните забелешки за постојано да ја подобруваме услугата. Секоја година развиваме нови осигурителни производи по нивно барање, паралелно подобрувајќи ги сите сервисни процеси поврзани со нашата дејност.
Како доказ за тоа, пред 10 години ја отворивме Техничката станица во Скопје, а пред осум години започна со работа нашиот Асистентски центар. Со растот на приватното здравствено осигурување, во рамките на групацијата е отворена и првата поликлиника во Скопје „Вита С“, членка на Сава oсигурителната групација.
МАРИЛИ: Колку осигурувањето е фактор за стабилност и амортизација на ризиците при инвестирање, особено по многубројните кризи?
ГУГУЛОВСКА: Осигурувањето по својата основна суштина е механизам за управување со ризици и заштита - за секој бизнис, секој имот и секој поединец.
Развојот на осигурителните производи го следи развојот на економијата и корпоративниот сектор, а палетата на производи денес е исклучително развиена.
Од осигурување на имот, незгода, приватно здравствено, одговорност од дејност, побарувања, па сè до заштита од киберризици, компаниите имаат пристап до највисоко ниво на сигурност. Важно е да се нагласи дека само осигурувањето претставува вистинска заштита на вашите инвестиции и вашиот бизнис, особено во услови на нестабилност и кризни периоди.
МАРИЛИ: Колку долго сте на менаџерски позиции и што е клучно за да се одржи континуитет во успехот?
ГУГУЛОВСКА: Оваа година за мене претставува и личен јубилеј - 20 години на менаџерска позиција во „Сава oсигурување“, од кои девет години сум член на Управата на друштвото. Најклучен елемент за успех е да имате јасна визија за тоа каде ја гледате компанијата во иднина. Одлуките се полесни кога зад нив стојат анализи, искуства, резултати и гласот на клиентите.
Но, ниедна визија не може да стане реалност без тим. Тимот е основа - луѓе што споделуваат иста цел и веруваат во сопствените потенцијали.
МАРИЛИ: Колку Вашата посветеност и лични карактеристики придонесоа за напредокот во кариерата?
ГУГУЛОВСКА: Потекнувам од семејство во кое татко ми беше исклучително успешен во академската сфера. Иако дипломирав на инженерски факултет, не се пронајдов во тој сектор. Во тој период градежната струка не беше атрактивна, а јас и осигурувањето се „пронајдовме“ и веќе 30 години сме заедно. За секој што сака динамична работа, решавање проблеми и секој ден да биде различен - осигурувањето е вистинско место.
Јас сакам предизвици, промени, работа надвор од комфорната зона. Кога нешто работите со љубов, со посветеност, со желба постојано да учите и да подобрувате -напредокот е природна последица.
МАРИЛИ: Како ја оценувате манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“?
ГУГУЛОВСКА: Најпрво, честитки за 30 години успешна работа и препознатливост. Вие бевте пионери во промовирањето на жените на менаџерски и лидерски позиции. Лично сметам дека не постојат машки и женски професии - постојат успешни професионалци. Квалитетот во работењето е единствен критериум.
Во нашата групација родовата еднаквост е фер застапена, како во менаџерските позиции, така и во платите. Иста слика имаме и во „Сава oсигурување“, каде што мнозинството од вработените, но и од менаџерскиот кадар, се жени.
Сепак, тоа не значи дека работата е завршена. Затоа „Сава oсигурување“ е активен член на GEA - Gender Equality Alliance од нејзиното основање во 2022 година, каде што активно придонесуваме кон промени во образованието, можностите и финансиската еднаквост. Тоа е наша задача како менаџери, но и како поединци - да даваме пример за еднаквост и заедно да работиме на позитивни промени.
Статијата е прочитана 450 пати.
Видео: 30 години Агенција Марили




























