„Пансион Преспав“ - приказна за Отешево со нов езерски поглед

Интервју со Лилјана Нечовска, сопственик и менаџер на хотелот „Lake view“ кој беше дел од организацијата на меѓународниот „Преспа форум дијалог за развој“. Во интервјуто зборува за реализација на идејата, тие, како повратници од САД да инвестираат во објектот и да го развиваат семејниот бизнис, за тоа што е „Пансион Преспав“, а што „Lake view“, за потенцијалот на Преспа и Отешево за развој на секаков вид туризам, но и за фактот дека состојбата со Преспанското Езеро и отсуството на урбанистички планови го кочат инвестирањето во одржлив развој и оневозможуваат регионот да стане препознатлива туристичка дестинација

 

МАРИЛИ:  „Пансион Преспав“ како витален дел на Отешево минатата недела го одржа „Преспа форумот, дијалог за развој“. За каков настан станува збор, колку гости имавте и какви услуги пружи „Пансион Преспав“? 

НЕЧОВСКА: Да, минатата недела се одржа „Преспа форум дијалог за развој“ организиран од Владата на Република С. Македонија со поддршка на ЕУ. Во нашиот хотел беа сместени 34 млади лица од нашата земја и од соседните држави, а на Форумот беа присутни 70 членови, како и други придружни служби. Им пруживме комплетна сместувачка понуда, како и простор за одржување на Форумот. 

 

МАРИЛИ: „Пансион Преспав“ стана актуелен по емитувањето на истоимената ТВ серија! Како Вие, како повратници од САД, дојдовте на идеја да инвестирате во овој туристички комплекс? Што претставува „Пансион Преспав“, а што е хотел „Lake view“? 

НЕЧОВСКА: Уште одамна ние бевме заинтересирани да инвестираме во нашиот роден крај, па за среќа, во тој период 2012 година се продаваше овој објект, кој ние добро го познававме од нашата млаост. Па, така се одлучивме да го купиме и да почнеме со работа на истиот. Објектот е комплетно реновиран, соби, купатила и слично, но ние сакавме да го зачуваме оригиналниот амбиент на старата градба, кој е автентичен за нашиот регион. Структурата на објектот е иста, објектот е граден во 50-ите со камен и по ЈУ стандарди што и денес се актуелни. 

„Пансион Преспав“ е многу сличен на нашиот „Lake view“ (езерски поглед), или, да бидам поточна, на нашата приказна, како и Коста и Ула и ние сме повратници од странство. 

 

МАРИЛИ: Наведете со што се располага хотелот „Lake view“!

НЕЧОВСКА: Хотел „ Lake view“ нуди 23 соби, паркинг, сала за состаноци за 40-50 лица, ресторан со 80 седишта, тераса со прекрасен поглед на Преспанското Езеро за 90 -100 лица, летна бавча со капацитет од 150 лица со традиционална скара на жар, фурна и шанк. Пред самиот хотел имаме шанк на плажа, со уреден парк, лежалки и сопствена плажа. Но, поради состојбата на Езерото и нивото на водата кое постојано се намалува, плажата за жал е во незавидна положба. Покрај хотелското и секојдневното работење на ресторанот, нудиме услуги за организирани забави и семинари. 

 

МАРИЛИ: Во овој бизнис сте Вие, сопругот и Вашиот син. Дали целата идеја, инвестиција и понатамошен развој се во правец на развивање семеен бизнис кој треба да го продолжи младата генерација?

НЕЧОВСКА: Засега да, се надевам дека и синот Александер ке продолжи да го развива и усовршува семејниот бизнс. 

 

МАРИЛИ: Кои се можностите на Отешево, во смисла на природна воздушна бања, манастирски туризам, ловишта и сл. како соржина која може да се понуди на домашните и странски туристи? 

НЕЧОВСКА: Потенцијалот на Преспа е огромен, тоа е тоа што ние го видовме и затоа инвестиравме тука. Преспа нуди многу, Отешево е познато како воздушна бања, (не случајно во бивша ЈУ беше изградена болницата за рехабилитација на белодробни заболувања), што и денес е во служба. Понудите се – медицински туризам, авантуристички (планински со патеки на Галичица и Пелистер), ловен туризам, манастирски туризам, селски туризам. Преспа е многу интересна и за љубители на птици, тука е резерватот „Езерани“, островот Голем Град и најголемата колонија на пеликани која е на Преспанското Езеро.

Но, во Преспа треба уште многу да се инвестира во одржлив развој како би биле препознатлива туристичка дестинација.

 

МАРИЛИ: Кои се можостите за развој на деловен туризам, организирање конференции, симпозиуми, конгреси, обуки и слично? Какви се Вашите искуства во овој дел?

НЕЧОВСКА: Како што спомнав претходно, ние нудиме семинарски услуги, обуки и сл. за помали групи, за поголеми настани, како што беше Преспа форум, за жал, во Преспа нема доволно сместувачки капацитети и капацитети за овој вид на настани (затоа дел од форумот се одржуваше во Охрид).

 

МАРИЛИ: Како моменталната исклучително лоша состојба на Преспанското Езеро се одразува врз туризмот, дали бројот на туристи е опаднат поради тоа и колку се потребни дополнителни инвестиции како базени, сауни и слично за да се привлечат гостите да дојдат тука?

НЕЧОВСКА: Состојбата на Езерото и на плажите има големо влијание на туризмот во Преспа, особено на домашниот гостин. Очигледно е дека на Езерото му треба помош да се регулира истекот на вода (тој е огромен проект кој треба да се реши на меѓународно ниво со соседните држави како меѓународни води). За жал, услови за градење базени, СПА центри и сл. не е можно, бидејќи за крајбрежјето на Преспа нема урбанистички и просторен план. 

 

МАРИЛИ: Со оглед на фактичката состојба со Езерото, дали сметате дека е доволно само да се зголемат приватнте инвестиции за да се врати некогашниот сјај на овој регион, или треба да се ангажираат и Општината и државата за да се спаси туризмот во Преспанскиот регион? Дали само состојбата со Езерото е единственит виновник за нефункционирањето на Отешево како туристичко место кое некогаш беше едно од најатрактивните туристички дестинации во бившите ЈУ простори?

НЕЧОВСКА: Со приватна инвестиција не може да се подобри состојбата на Езерото, тука треба помош од Република С. Македонија и соседните држави и од ЕУ. Езерото не е единствената пречка за враќање на поранешниот сјај на Преспа. „Една ластовичка не носи пролет“. За да се привлечат инвестиции во Преспа треба да се решат многу други проблеми, да се променат закони, да се донесе просторен и урбанистички план, да се подобри инфраструктурата и сл. Но, да не бидам песимист. Се се може ако се сака! 

 

МАРИЛИ:  Колку странците знаат за Отешево и за поволностите што ги нуди?

НЕЧОВСКА: За среќа странците знаат многу повеќе отколку што ние самите знаеме за Отешево и Преспа. 

 

МАРИЛИ: Вие сте дел од менаџментот на хотел „Lake view“. Колку менаџирањето со ваков објект е напорно и дали покрај целиот ентузијазам имате време лично за Вас и за некоја друга пасија? 

НЕЧОВСКА: Не е лесно. Во почетокот кога го купивме објектот целиот овој простор беше запоставен, дадовме многу труд и средства за да го донесеме во состојба како што е денес. Има уште многу што да се направи. Се надевам во иднина, доколку се решат некои проблеми со кои се соочуваме, „Пансион Преспав“ (Lake view) ќе биде уште поатрактивна и посакувана дестинација.

Не е тешко, затоа што работиме како тим заедно со синот Александер и сопругот Љубин. Но, се што правевме, правевме со љубов. Се надевам во иднина ќе имам повеке време да се посветам и на другата пасија -  семејството и патувањето.  


Статијата е прочитана 2391 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско