Германска WPD ќе гради 415-мегаватна ветерна електрана од Куманово до Крива Паланка во вредност од 500 милиони евра

Ветерен парк „Вирови“ со 415-мегаватна ветерна електрана со 69 ветерни турбини ќе гради германската компанија WPD на потегот Куманово-Старо Нагоричане-Крива Паланка во стратешко партнерство со македонската влада. Вредноста на инвестицијата е околу 500 милиони евра.

Проектот треба да биде готов за шест години, ќе снабдува со електрична енергија 290.000 домаќинства и нема да користи никакви повластени тарифи од државата. Договорот за стратешко партнерство меѓу Владата и WPD е на 45 години.

„Ќе се гради ветерен парк ‘Вирови’, најголем капацитет од обновливи извори на енергија во земјава, колку што имаат двата болка на РЕК Битола. На полињата од Куманово до Крива Паланка ќе има 69 ветерни турбини, што е за четири пати повеќе од досегашните 16 на границата со Грција, кои ќе создаваат над 400 мегавати струја. Ова не е само најголемата германска инвестиција во земјата, ова е најголемата директна гринфилд инвестиција во македонската економија од независноста до денес. Таа е доказ дека зеленото сценарио и тоа како е возможно. Овој проект е повеќе од половина од предвидените 700 мегавати со стратегијата“, изјави премиерот Зоран Заев на денешната презентација на проектот.

Германската амбасадорка Анке Холштајн истакнувајќи дека Владата е на добар пат и привлекува странски инвестиции за обновливи извори на енергија, потенцираше дека проектот ќе овозможи годишно намалување од 310.000 тони јаглерод диоксид.  

„Драго ми е што гледам се поголема соработка меѓу двете земји во полето на енергетиката. Проектот ги поддржува амбиционзите цели на македонската Влада во енергетската транзиција“, рече Холштајн.

Според Андреа Бјорн Шолет, овластен претставник на компанијата WPD експертизата е предност во однос на другите конкуренти во овој се уште млад сектор. 

„Клучни беа достапноста на природните ресурси и амбициозниот план за енергетската транзиција на Владата. Ова е прва земја од Западен Балкан која размислува за елиминација на јагленот како средство за обезбедување електрична енергија до 2030 година. Статусот на стратешка инвестиција значи оперативна поддршка од Владата за сите услови во постапките за обезбедување дозволи“, рече Шолет.

Германската WPD работи во 28 земји и располага со над 5.000 мегавати инсталиран капацитет во обновливи извори.

 


Статијата е прочитана 456 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско