Светска банка: „Растот на БДП годинава 4,6 отсто, инфлацијата 2,4 отсто“

Македонската економија годинава ќе забележи раст од 4,6 отсто, додека во наредната се предвидува растот на БДП да изнесува 3,7 отсто, а во 2023 година 3,4 отсто. Инфлацијата годинава ќе инесува 2,4 отсто, но се очекува во наредната година да се намали. Ова беше истакнато денес на презентацијата на полугодишниот еконосмки извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан.

Според извештајот, земјите од Западен Балкан закрепнуваат од рецесијата предизвикана од Ковид-19 и се предвидува 5,9 проценти раст на БДП оваа година во регионот, по падот од 3,1 отсто во 2020 година. Наредната, 2022 година се предвидува раст на БДП од 4,1 отсто, а 3,8 проценти во 2023 година.
Од земјите во регионот, најголем раст на БДП оваа година се предвидува за Црна Гора - 10,8 отсто, потоа Албанија од 7,2 отсто, Косово 7,1 отсто, Србија 6 и Босна и Херцеговина 4 отсто.

Како што истакна директорот на СБ за Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, извештајот го потврдува трендот на силно закрепнување на економиите од земјите од Западен Балкан, што се должи меѓу другото на отворањето на економиите, како и на процесот на вакцинирање.
Се предвидува економиите на сите земји во Западен Балкан, освен на Црна Гора да се вратат на ниво од пред пандемијата до крајот на оваа година.
Сепак, како што нагласи Паолучи, силниот раст се уште не се одразува на пазарот на трудот, иако подобрување може да се забележи во некои од земјите, како во Србија и во Северна Македонија, но, сепак, состојбите се уште се нестабилни со оглед на неизвесностите околу пандемијата. И покрај многу повисоката проекција за раст од претходните предвидувања се уште постојат ризици, пред се, поради бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и поради тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат.

Согласно Извештајот кој што подетално го презентираше Сања Маџаревиќ – Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан, закрепнувањето во регионот е резултат на зајакнувањето на домашната и на надворешната побарувачка.

„Меѓутоа, закрепнувањето и понатаму е кревко. Раните знаци за предупредување кои доаѓаат од пазарот на трудот бараат повеќе внимание. Загубата на работни места од рецесијата и периодот што следуваше по неа непропорционално ги погоди жените и младите, што може да ги врати назад напорите на регионот за зголемување на долгорочно ниските стапки на учество во работната сила. Невработеноста на младите се зголеми на 37,7 проценти во 2021 година, што е 5,4 процентни поени повеќе од јуни 2020 година, со што уште повеќе се влошија перспективите за вработување на младите“, се вели во извештајот на Светска банка.

Во однос на препораките за човековиот капитал, како што беше истакнато, потребно е да се надоместат изгубените години за време на пандемијата во процесот на учење, а кога состојбата ќе се стабилизира, потребно е напорите да се насочат кон преквалификација на луѓето кои се од дејностите врз кои последиците од пандемијата се трајни. Во овој контекст беше нагласена потребата од дигитализација и развој на дигигалните вештини.
СБ посебен акцент става врз зелената агенда, односно преминувањето кон раст на економиите кој што не се потпира врз фосилните горива. Како што беше истакнато, потребно е новото опкружување да го поттикне новиот модел на раст.


Статијата е прочитана 421 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско