Бизнис вести

Стопанската комора доби награда „Дигитален шампион“

четврток, 02 декември 2021

Комората ја доби наградата за Проектот за дигитализација на процесите и издавање е-документи од страна на Комората

 

Стопанската комора на Северна Македонија ја доби наградата „Дигитален шампион“ за Проектот за дигитализација на процесите и издавање е-документи кои им се потребни на македонските компании во надворешно-трговското работење. Наградата која ја доделуваат Светската трговска организација (WTO), Mеѓународната стопанска комора (ICC) и Меѓународниот центар за трговија (ITC), македонската Стопанска комора ја доби во конкуренција на 100 поединечни апликации од светот. Доделувањето ќе биде на овогодишната редовна Министерска конференција на Светската трговска организација.

Од Комората велат дека наградата ќе ја прими потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Елена Милевска Штрбевска, која ќе има и свое обраќање.

„Процесот на дигитализација го започнавме кон крајот на 2020 година и во соработка со нашиот партнер ‘Некстсенс’ ДОО Скопје, во мај 2021 година успешно го завршивме, со интегрирано решение за дигитална трансформација на деловните процеси што ќе ги замени сите хартиени процеси на подготовка и на издавање дигитални, безбедни, правно-обврзувачки и верифицирани документи. Нашата дигитална платформа е токму тоа“, велат од  Комората.

Додаваат дека наградата е потврда за постигнатиот напредок во работата и претставува поттик за сите вработени на Комората и натаму да продолжат да ги развиваат своите напредни идеи и да им служат на своите членки. Компанините со овој проект добија скратување на времето потребно за добивање на документи за 82 проценти, скратување на трошоците за поднесување и подигнување на документите на 0, немаат трошоци за печатење, а добија дигитално потпишан документ во согласност со регулативата на ЕУ и бр. 910/2014 (регулатива eIDAS) кој е компатибилен со стандардот PAdES (PDF Advanced Electronic Signature) за дигитално потпишување.

 

Содржината е прочитана 320 пати.