Академскиот вајар Никола Смилков успешната интернационална кариера ја продолжува и оваа година со бројни самостојни изложби

Македонскиот вајар проф. д-р Никола Смилков, редовен професор по методика на ликовното образование и вајарство на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е автор на статуетката „Жена водилка“ што агенцијата „Марили“ ја доделува на најуспешните жени менаџери

 

Академскиот вајар проф. д-р Никола Смилков, редовен професор по методика на ликовното образование и вајарство на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и постојан соработник на агенцијата „Марили“ ја заокружи 2021 година со многу активности на ликовната сцена, но и со награди. „Плодната“ 2021 му донесе бројни покани, па оваа година ќе биде исполнета со нови самостојни изложби на кои ќе ја претстави својата исклучителна работа пред љубителите на уметноста ширум светот. 

Така од 18 јуни во Модерна галерија „Јово Ивановиќ“ во Стари град во Будва, Црна Гора ќе биде свечено отворена неговата самостојна изложба насловена „Емоције“ каде се до 15 јули ќе можат да се видат прекрасните скулптури на Смилков кои во најголем дел се инспирирани од жената.  

Во текот на минатата година имаше неколку претставувања на групни ликовни изложби во земјата и во странство и една самостојна изложба. Станува збор за самостојната изложба „Емоционални движења“, организирана од Француската алијанса во Сплит и Министерството за култура на Република Северна Македонија на која Смилков се претстави со 17 скулптури во мермер и бронза во галериски формат. Изложбата, која се реализира од 4.6.2021 до 4.7.2021 година во Сплит, Р. Хрватска, беше поставена во просториите на Француската алијанса, на главното шеталиште во непосредна близина на Диоклецијановата палата. 

Од групните изложби посебно се издвојува изложбата на Биеналето за акт „Марко Крстов Грегорич“, организирана од Музеј и Галерија Будва, Црна Гора, каде што Смилков ја доби првата награда (Гран-при) за скулптурата „Човечка фигура“ во сите четири категории (цртеж, скулптура, слика и фотографија/графика/видео) на селекциската изложба на 78 автори од 20 држави.

Почетокот на оваа година го одбележа со учеството на 9. Меѓународно уметничко биенале во Пекинг, кое оваа година е сегмент од уметничкиот дел на одбележувањето на Зимските олимписки игри. Ова биенале традиционално подлежи на строга селекција и за претставување беа избрани 573 уметници од 117 земји. Меѓу вкупно 707 дела беше и скулптурата „Копнеж“ на Смилков, реализирана во бронза.

Додека траеја Олимписките игри скулптурата беше изложена во Националниот музеј на уметност на Кина, огромен простор на кој беа изложени сите селектирани дела. Ова е најголема изложба на која македонскиот скулптор изложувал досега и негово прво претставување во Кина.   

Неговата докажана работа и квалитет оваа година му донесоа неколку покани за самостојни изложби, па тој интензивно работи на нови дела за новите изложби. За него е важно претставувањето на самостојната изложба во Будва, Црна Гора во Модерна галерија „Јово Ивановиќ, како дел од Гран-при наградата на минатогодишното биенале, организирана од Музеј и галерија Будва. 

Исто така, се подготвува и за претставување во рамките на Сплитско културно лето. Поканата за оваа изложба доаѓа како резултат на огромниот интерес што го предизвика минатогодшината изложба во Француска алијанса во Сплит, а за македонскиот вајар повторното претставување пред хрватската публика претставува голема радост, но и нов предизвик. 

Задоволството е поголемо и поради тоа што подоцна беше побарано оваа изложба да се пренесе и да биде дел и од Културното лето на Корчула, а се планира да биде реализирана во Галерија Културен Центар во Корчула, Хрватска. 

Во рамките на групните активности за годинава се издвојуваат поканата да учествува на Биеналето на современа уметност во Пловдив, Р. Бугарија, како и поканата за изложба на отворено во полињата со лаванда во Тамњаница, Србија, каде што Смилков веќе има поставено две монументални скулптури изработени во рамките на симпозиумите организирани од Здружението Пигмалион и Горазд Чук од Словенија.  

             

 


Статијата е прочитана 994 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско