Кога треба архитектурата да се претвори од идеја во реален простор, потребно е да се знае занаетот

Интервју со Меланија Тодорова, носител на брендот „Кубус“ и менаџер на „ЦБС Проект“ – Скопје во кое зборува за основањето на компанијата пред цели 30 години, за улогата на архитектот во изработката на секој проект и несоодветното вреднување на трудот на архитектот со што драматично се нарушува процесот за етаблирање на тоа кој е кој во светот на архитектурата. Говори и за својата исклучително плодна кариера како проектант со над 150 проекти, како и за убедувањето дека за да може кој било да напредува во кариерата прво треба да вложи во себе, а потоа да се вложи себеси

 

МАРИЛИ: „Кубус“ е синоним за градежна фирма и како бренд годинава слави 30 години од формирањето. Кажете ни нешто повеќе за тоа како еден архитект опстанува на градежниот пазар толку долг период, имајќи предвид дека денес многу често се појавуваат фирми што се занимаваат со проектирање и градење? 

ТОДОРОВА: Фирмата „Кубус“ е основана во 1992 година, чиј единствен почетен капитал бил идеја и желба за остварување во областа на архитектурата. Не е резултат на транзициска трансформација со пренесување од државен во приватен капитал. Јас не бев дел од основачите, но уште од основањето, проектирањето на објектите го добивме јас и неколку постари колеги од ГП „Маврово“, каде што почнав да работам веднаш по завршувањето на факултетот. Првите години од моето работно искуство ги поминав на градилишта, во изведба на објекти во Македонија, Израел, Русија. Тоа беше на мое барање, со цел да се совладаат сите „тајни“ на занаетот. Кога треба архитектурата да ја претворите од идеја во реален простор, потребно е да го знаете занаетот. Самиот збор архитект, всушност, тоа и значи, главен мајстор. Денес во реалниот сектор дејствуваат многу градежни компании. Некои се видливи повеќе, други помалку. Но во секоја од нив треба да има архитект. И тука настанува проблемот. Совеста на секој од колегите архитекти. Нашата Комора одамна се обидува да се применува ред и тарифник со кој ќе биде вреднуван трудот на архитектот. Во овој момент, главен критериум при избор на тоа кој ќе го работи проектот најчесто е само цената. Со таков пристап, процесот за етаблирање на тоа кој е кој во светот на архитектурата е драматично нарушен. 

 

МАРИЛИ: Во овие три децении се позициониравте на градежниот пазар со богата референтна листа на проектирани и изведени објекти од високоградбата не само во Македонија туку и во странство, пред сѐ, во Русија. Што содржи богатото портфолио на еден проектант?

ТОДОРОВА: Портфолиото, пред сѐ, содржи многу труд. Треба да се знае дека изработката на еден проект е тимска работа. Обединува повеќе фази, а сите ги обединува одговорниот проектант што најчесто е архитект. Кога архитектот е искусен пилот на работите, проектот е добар и тоа не само во својот дизајн. Работата во ГП „Маврово“ обилуваше со тимска работа во големи групи. Во помала компанија, на пример, „Кубус“ или „ЦБС“, групата е помалобројна. Но улогата на архитектот е иста, ги обединува сите, од идејата до изведениот простор. Во мојата кариера на проектант имам изработено околу 150 проекти, секој со своја специфика, без оглед на големината или на местоположбата.

Многумина од нас не слушнале за Ханти-Мансијск или Јошкар-Ола, градови во Руската Федерација. Но таму има проекти на кои сум работела, во нив е дел од мојот живот што е преточен во простор. Или градови како Назарет во чија близина живеат 500 семејства во објекти што сме ги изведувале со колегите од Израел и Македонија. Центарот на Москва е предизвик за секого, па особено сум горда што и таму има дел од мојот живот вграден во изведен објект. Едно од најистакнатите места каде што е изведен мој проект е улицата „Садовническаја“ во самиот центар на Москва. Најголем проект што го имам изработено е трговски центар и хотелски комплекс во Липецк, Русија. Обемот на проектот беше 90.000 м2. Тоа се нешта за кои треба да се откажете од многу работи за да ги изработите. Сепак, најдраги ми се оние проекти што се изработени и изведени во Скопје, градот во кој сум родена. Убаво е сознанието дека во објектите што некогаш биле идеја, сега живеат и растат семејства на ваши сограѓани, пријатели, роднини. Тоа е најголемото богатство од моето портфолио.

 

МАРИЛИ: Вие сте управител на „ЦБС проект“. Која е основната дејност на ЦБС?

ТОДОРОВА: „ЦБС проект“ се занимава исклучително со проектирање. За еден архитект е најважно да има начин како своето дело да го претвори во градба. Во таа насока се воспоставени некои правила. Фирмата и брендот растат заедно со проектантот, а потоа брендот возвраќа. Многу членови од моето семејство се занимавале со архитектура и со градежништво. Моите синови се генерацијата што треба да ги прифати обврските и да го зајакне постоењето на инженерската традиција во семејството. 

 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали тоа е образованието, личните карактеристики, умешноста да се освојуваат современите вештини за личен развој, поддршка од семејството, од работниот тим...?

ТОДОРОВА: Лично мислам дека постои работник или неработник, не маж или жена. За да може кој било да напредува во кариерата прво треба да вложи во себе, а потоа да се вложи себеси. Љубовта кон архитектурата ја добив од најрана возраст, гледајќи го работењето на татко ми, кој е архитект и со кого дел од детството го поминав на објекти во Мароко. Треба да знаете што сакате да бидете во животот, каде ќе се остварите. За мене тоа беше архитектурата. Образованието, секако, е неопходно, но не и пресудно. Мислам дека повеќе влијаат личните афинитети, упорноста, трпението и безусловната посветеност. И нема да кажам ништо ново ако потсетам дека е потребно постојано да учите, да се усовршувате, да бидете во тек со времето.

Семејството е тоа за кое создаваме, барем тоа е мојата логика во животот. Дома имам целосна поддршка и големо разбирање. Децата се навикнати на моето работење откако се родени, а, секако, помага и тоа што мојот сопруг е архитект, па целосно разбира какви откажувања и ангажмани се потребни за проектирањето. Без тоа разбирање, некаде би имало потфрлање.

 

МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена менаџер, како успевате да ги усогласите приватните обврски со професионалните ангажмани? Како го исполнувате Вашето слободно време? 

ТОДОРОВА: Не мислам дека сум менаџер, ако ме прашувате за тоа нема да знам што да одговорам. Менаџерската улога доаѓа како природен, логичен тек на мојот професионален повик - архитект. Сѐ што е поврзано со архитектурата ми е логично, ненаметнато. Поради тоа не се доживувам како менаџер, но како архитект - да.

Ако приватните обврски ги ставите во категорија обврски, звучат тешко. Не би рекла дека семејството ми е обврска. Слободното време, секогаш кога времето дозволува, го минувам во дворот, занимавајќи се градинарство или, пак, повторно пред компјутер. Па, можам да кажам дека, всушност, најголем дел и од слободното време го поминувам со архитектурата бидејќи тоа, сепак, е моето главно хоби. И секако во патувања. Нема земја во Европа што мојот сопруг не ја извози. А работата и слободното време биле и се дел од воспитувањето на децата. Тие се мојот живот што е исполнет и остварен преку нив и мојата работа.


Статијата е прочитана 607 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско