Саем

„ВКУСИ ГО ЖИВОТОТ“ Промоција на македонските вина, храна и туризам на Саемот на Отворен Балкан

четврток, 25 август 2022

Под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија, а како дел од иницијативата „Отворен Балкан“ од 1 до 4 септември во Белград ќе се одржи Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“.

„Учеството на Северна Македонија на Саемот, за домашната економија значи обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските храна и вина. Истовремено, преку Саемот ќе се обезбеди силна и ефективна промоција на туристичките капацитети на Северна Македонија и привлекување нови туристи, пред се, од регионот, но и пошироко. Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград е претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и е фокусирана на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам“, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Учеството на Северна Македонија на Саемот е вистинска промоција и на културолошките и идентитетските обележја, традиции и обичаи, вклучително македонските фолклор, музика и кујна, но и обележјата на сите други заедници кои живеат во земјата и останатите национални вредности.

Целта на овој Саем, меѓу другото, е и на уникатен начин да ги поврзе винските патишта на Балканот и да ги собере најдобрите винарии од регионот на едно место, низ соработка.

„Винска визија на Отворен Балкан” ќе понуди богата програма која вклучува дегустации на вино, натпревар „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022 година, едукативни еснафски работилници, дискусии за потенцијалот на винската индустрија на Балканот, можности за зголемено учество на светските пазари, како и средби меѓу претставници на производителите и откупувачите со цел проширување на економските потенцијали за компаниите и за економиите од регионот.

На Саемот во Белград ќе се претстават повеќе од 330 изложувачи од 22 земји од кои 233 се од земјите членки на Отворен Балкан.

Од Северна Македонија ќе учествуваат 42 винарии и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии, а целосната координација во овој дел од претставувањето ја реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На Саемот ќе се претстават и повеќе од 10 производители на храна од Северна Македонија кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна.

Стотици илјади очекувани посетители на Саемот ќе може да дегустираат автентична македонска храна која ќе ја подготвуваат македонски врвни готвачи, како и храна од српската и албанската кујна подготвена од српски и албански врвни готвачи.

Ќе биде организирано и меѓународно оценување на виното од 25 меѓународни судии, а пет од нив се носители на најпрестижната титула во светот на виното – master of wine.

Во исто време ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.

Во рамките на агендата од активностите во Белград, премиерот Ковачевски ќе биде домаќин на промотивен настан од економски карактер односно „Македонска вечер” посветен на промоција на македонската економија преку презентација на македонските вина, храна, музика и туризам. На „Македонската вечер“ ќе присуствуваат претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Северна Македонија кои ќе бидат присутни на Саемот во Белград.

Северна Македонија на Саемот за вино, храна и туризам на Отворен Балкан во Белград ќе се претстави со слоганот „Вкуси го животот” фокусирано на регионална, глобална, но и домашна промоција на туристичките, гастрономски и винските капацитети на Северна Македонија.

Пренесено од МИА

Содржината е прочитана 70 пати.