Интервјуа

„Македонисимо“ ја отсликува силата на македонската народна музика преточена во висока уметничка димензија

понеделник, 12 септември 2022

Интервју со Симон Трпчески, македонскиот виртуоз на пијано, во кое зборува за идејата да го создаде „Македонисимо“ - дело инспирирано од оригиналната македонска народна музика, но преточена на современ музички јазик, за причините зошто се изведува пред домашната публика пет години по премиерата во Германија. Трпчески говори и за тоа колку македонскиот бит е вткаен во ова уникатно дело кое на најубав начин ја покажува вредноста на нашата земја, но и за плановите за во иднина, за она што му претстои до крајот на годината, како и за тоа како успева да ги усогласи професионалните со семејните обврски

 

МАРИЛИ Делото „Македонисимо“ конечно ја имаше својата претпремиера и во нашата земја. Зошто беше потребно да помине толку време од неговото создавање и премиерно изведување во Германија, за конечно да го слушне и македонската публика? Кога и каде ќе биде официјалната премиера во Македонија? 

ТРПЧЕСКИ: Очигледно дека за се што е квалитетно е потребно време да се случи, а во случајов станува збор за дело кое веќе ја слави 5-годишнината оваа година. И со вклучување на пандемиските две години во кои, се чини дека многу работи во светот се скратија, ние, сепак, продолживме да го чуваме во живот „Македонисимо“ дури и во тие две години кога и излезе албумот за „Лин рекордс“ и се случи уште по некој концерт, без разлика на многу откажани концерти во пандемијата.

Во секој случај, во Македонија понекогаш одат потешко некои работи во поглед на брзината за освестување на народот или на институциите кога станува збор за нешто што е квалитетно. Сметам дека во една мала земја работите треба да одат побрзо, особено кога се едноставни, бидејќи, се разбира, и во светот некои работи одат споро. Како и да е, никој овде не покажа интерес од моментот на светската премиера во Германија во 2017 година па наваму и очигледно требаше да се склопат одредени работи за да се создадат вистински услови во Македонија за одржување на премиерата тука, дома онака како што сум ја замислил, тоа да биде за македонскиот народ на кого му е посветен овој проект.

Претпремиерата се случи во родното село на татко ми, Збажди, во бунтовна Малесија на планината Караорман во општина Струга, онаму каде многу важни рабпти се случувале. Тоа е многу важен регион и за историјата на Македонија, регион за кој сум јас многу блиску врзан. Се случи нешто што се нарекува подвиг, историски настан на ливада, на отворено, онака како што многу летни фестивали се случуваат во светот, со исклучителна енергија од народот кој, околу 3.000 дојде на тешко достапно место од цела Македонија и не опсипа со љубов сите нас членовите на „Македонисимо“. Мислам дека тоа ќе остане настан за паметење кој го овековечи и МТВ.

Тоа беше една убава увертира за она што ќе се случи, официјалната премиера на „Македонисимо“ кое си доаѓа дома, а тоа е на 14 септември во Скопје на платото пред Националната опера и балет, на отворено за народот, во 20 часот, а ќе се повторат концертите во Штип и Битола на 25 и 26 септември.

МАРИЛИ: Колку македонскиот бит е вткаен во „Македонисимо“ со оглед дека делото ја обработува македонската народна музика? Колку македонскиот фолклор, што очигледно татни во Вашите дамари го чувствува и публиката, особено странската, како таа реагира на едно вакво дело инспирирано од оригинална народна музика, а преточена на современ музички јазик?

ТРПЧЕСКИ: Јас сум пораснат со народната музика и многу пати се докажало колку татни таа исконска сила што нашата народна музика ја има, која е напишана со зборови и во многу наврати низ светот сум ја покажал и споделувал со публиката и со колеги од странство. Мислам дека она што таа музика го има како енергија во себе, заради специфичните мелодии полни со љубов и жар и живот, егзотичните ритмови се повеќе од доволна причина за странците да реагираат на начин на кој реагираат, ги гаделичка, ги поткрева и секогаш реакцијата била фантастична. А, „Македонисимо“ е еден посебен проект со кој јас сакам да оставам белег. Отсекогаш верувам дека нашата музика има исклучителна моќ и доколку и се пријде на ваков начин, донекаде од аспект на класичната музика, меѓутоа од аспект на времето во кое живееме и современиот музички јазик, тогаш може да се носи раме до раме со класичната музика како стил на музика на кој јас сум претставник.

Несомнено, сржта на овој проект е токму таа автентичност на народната музика која македонскиот композитор Панде Шахов ја преточи во еден свој уникатен музички јазик што беше огромен предизвик и за него. Ние многу блиску соработувавме во текот на целиот процес и всушност, дојде до еден вид изненадување, бидејќи дојде некако до претопување на еден музички израз кој може да се каже дека донекаде преоѓа во посебен музички стил. Така што, од тој аспект мислам дека направивме еден легендарен проект што ќе остане за генерации и генерации. 

МАРИЛИ: Како дојдовте до идејата за „Македонисимо“, колку време го подготвувате и кој се е дел од овој проект?

ТРПЧЕСКИ: Јас „Македонисимо“ го имав во глава многу време. Отсекогаш сум верувал во народната музика, бидејќи мојата прва љубов е хармониката, а пораснав со народна музика која се негуваше во моето семејство од двете страни и од кај мајка ми и од кај татко ми. Можеби жалам што не го направив порано. Но, доста работи се случуваа, а тие идеи одамна ги имам, но малку поинтензивно ги истражував и обработував во главата можеби 4 години пред да се случи премиерата. Значи, зборуваме за една дистанца од 9 години од почетокот на работењето во мојата глава, а 5 години од светската премиера пред да дојде во Македонија, што е многу долго. Отсекогаш верував во силата на македонската народна музика која преточена на овој начин добива една сосема, сосема друга, висока уметничка димензија. Од тој аспект мислам дека сето она што ние го поседуваме и кое имав можност да го научам во несебичното споделување на материјалите и искуството на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и на ансамблот „Танец“, посебно во тој период и со господинот Зоран Џорлев, дојдовме до еден исклучително важен проект за народната музика но и за интерпретативната уметност кај нас. Поинтензивната разбота со Шахов беше нешто повеќе од една година и мислам дека изборот на екипата е фантастичен.

Панде Шахов е композитор што живее и работи во Англија повеќе од 20 години, а другите членови на квинтетот „Македонисимо“ се: Александар Краповски на виолина, кој живее и работи во Барселона и е водач на неколку оркестри во Шпанија и низ Европа, Хидан Мамудов од Штип, феноменален кларинетист кој во проектот свири на саксафон и специјално научи да свири на кавал за ова дело. Тој ги заврши своите студии во Виена, каде работи и живее, а се дообразуваше во Софија, Александар Сомов на виолончело. Тој е од Софија и е прв виолончелист на Стразбуршкиот филхармониски оркестар, но е и гостин на многу оркестри во Англија како ученик на „Гилт хол“ институцијата за музика и за драма, гостин на лондонска филхармонија и на други оркестри, како и Влатко Нушев, од Делчево, вработен во НОБ кој ги покажува своите исклучителни способности на разни перкусии кои се дел од обработката. Сите овие луѓе се феноменални музичари и прекрасни едноставни луѓе кои во оваа авантура влегоа со сета љубов и одговорност, со сето срце на секој настап покажуваат како може класично образован музичар да свири автентична музика, но и толку да се внесе во ваква софистицирана партитура која навистина е сложена и бара исклучителна концентрација дури некогаш и повеќе од она софистицирано изведување класични камерни музички дела. И тука се уште поголеми предизвикот и возбудата.

МАРИЛИ: „Македонисмо“ на најубав начин ја покажува и докажува вредноста на нашата земја. Колку се чувствувате горд на ова дело со кое на едно врвно уметничко ниво успеавте да ја претставите државата која, објективно, нема традиција на класична музика?