Секој може да биде успешен, но прво треба да биде добар менаџер на сопствениот живот

Интервју со Татјана Узунова Георгиевска, генерален менаџер на „3Д - Проект студио“ Скопје, во моментов единствената продукциска куќа во Македонија што поседува сопствено репортажно возило опремено со Full HD видео и аудиоопрема што истовремено нуди и постпродукција. Во интервјуто таа зборува за почетоците на оваа една од најстарите продукциски куќи во државата, за сето она што е најважно за да се опстане и да се биде одржлив во овој сектор, но и за тоа што претставува успех и што е решавачко за една жена да напредува во кариерата

 

МАРИЛИ: „3Д - Проект студио“ е една од најстарите продукциски куќи во нашата земја со речиси тридецениско успешно работење. Кажете ни нешто за почетоците! 

УЗУНОВА ГЕОРГИЕВСКА: Во овие услови, сега (или денес), кога ќе се навратам ретроспективно 28 години наназад, почетоците на „3Д - Проект студио“ ми изгледаат како сцена од некој научно-фантастичен филм. Тоа беше период само неколку години по осамостојувањето и незвисноста на Македонија, кога владееше бизнис-клима што секому му даде можност да отвори фирма и да почне сопствен бизнис. Во овој период, во 1993 година, двајца пријатели (Милчо (19) и Миле (20)), членови на техно-групата М&M, беа принудени да импровизираат мало продукциско студио за да можат да ги продуцираат спотовите за своите музички нумери во анимација 2Д што во тоа време беше вистински тренд и новитет. Креативни, оригинални и со многу ентузијазам создадоа нешто ново, видеоанимации и компјутерски виртуелни сцени што го привлекоа вниманието на неколку приватни компании, а особено на телевизиските куќи што, пак, овој тип продукција го препознаа за свој коорпоративен идентитет. И по една година, во 1994 година, несвесно дека сѐ ова ќе прерасне во сериозен бизнис, се наметна потребата од основање на „3Д - Проект студио“, со само тројца вработени што, всушност, бевме и основачи и партнери во нашиот мал бизнис. Анимацијата 2Д, а подоцна и 3Д стана наш авторски потпис на многу најавни шпици, џинглови на телевизиските куќи како МТМ, Сител, Канал 5, но и на многу музички спотови, комерцијални објави, реклами и сл. По 17 години партнерство, 3Д го продолжи својот континуитет со двајца основачи. 

 

МАРИЛИ: Колку квалитетот, креативноста и принципиелноста се важни за опстанок на ваков бизнис?

УЗУНОВА ГЕОРГИЕВСКА: За да бидете одржливи и да опстанете во овој сектор важни се многу фактори, а најважно од сè е да имате визија и да знаете да ја препознаете иднината во оваа индустрија. Креативноста и квалитетот се основни обележја што треба да ги поседувате и да ги надградувате во секој сегмент: образован и млад кадар, следење нови трендови и техники, истражување на пазарот (публиката) и, секако, квалитетот на опремата со која располагате. Филмската индустрија е скап „бизнис“. Технологијата се развива со многу брзо темпо што мора да го следите постојано, да инвестирате и да се приспособувате на последните трендови бидејќи секогаш крајниот производ и неговиот квалитет зависат од нив. 

 

МАРИЛИ: Каков вид проекти низ годиниве се работеа во „3Д - Проект студио“, во која насока ја развивате дејноста во последниов период и кои се плановите за во иднина?

УЗУНОВА ГЕОРГИЕВСКА: Во своето тридецениско постоење „3Д“ има сработено многу - од рекламни и комерцијални спотови за домашни и за странски клиенти, музички спотови, многу телевизиски забавни емисии и ТВ-шоуа (Сителова кујна, Сакам да готвам, Во светот на технолијата, Мое милениче, Кастинг Талент Шоу...), информативно-дебатни емисии (ЕУ Караван низ Македонија, ЕУ Караван во новите земји членки на ЕУ, емисија за млади „Моја Сторија“, Мој доктор и др.), играни серии (Тврдокорни  - три сезони, ТВ БОКС, Историја на македонската забавна и народна музика...), квизови („60 секунди“, „Квиз на знаење 20 секунди“ сезона 1 и сезона 2 што во моментов е присутна во етерот) и многу други телевизиски и играно-документарни емисии.

Но она што го препознавме уште пред неколку години како добра инвестиција на нашите простори и во регионот е „live production“ - пренос/продукција на настани во живо. Па, така, во моментов сме единствена продукциска куќа во Македонија што поседува сопствено репортажно возило опремено со Full HD видео и аудиоопрема што, покрај преносот во живо, истовремено нуди и постпродукција или финален производ што може да се реемитува веднаш по завршувањето на преносот. Моментално овие услуги се максимално искористени за потребите на сите спортски натпревари што се одржуваат во нашата земја и во регионот, но и за музички концерти, политички кампањи и митинзи, културни и други настани што имаат потреба од ваков тип програма. 

 

МАРИЛИ: Што е решавачко за да напредува жената во кариерата?

УЗУНОВА ГЕОРГИЕВСКА: Секоја жена е успешна и може да биде успешна, но, пред сѐ, треба да бидеш добар менаџер на сопствениот живот. Да бидеш свесен за своите реални квалитети, за можностите, за границите до кои реално може да одиш и идеалите што реално можеш да ги оствариш, а истовремено и паметно да ризикуваш. Кај нас во едни препознатливи услови на лоша бизнис-клима (барем во последнава деценија), нефункционален општествен систем, несигурност, младата популација како тука повеќе да не гледа светла точка или иднина.

Мој совет е: не е успех да заминеш во странство и да почнеш од нешто што не те исполнува само за „некоја“ иднина, успех е тука, дома, да се избориш со сите предизвици и да создадеш иднина во бизнисот во кој сакаш да се оствариш. Секоја идеја може да стане реалност, потребно е само да излезеш од „шаблонот“ и вообичаените стандарди и да поставиш свои пред сам себе, а ние жените, секако, можеме така. Само храбро! 

 

МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена менаџер, како ги усогласувате приватните обврски со професионалните ангажмани, со оглед дека сте сопруга и мајка? Дали имате време за релаксација и како го исполнувате?

УЗУНОВА ГЕОРГИЕВСКА: Како што прекажав претходно, прво треба да си добар менаџер на сопствениот живот. За сè има време, професионалните ангажмани не треба да ги нарушат семејните обврски ниту, пак, да влијаат врз другите активности, дружењето со пријателите, спортските активности, патувањата... но не е секогаш така. Искрено, јас балансирам, некогаш преовладуваат работните обврски, некогаш семејните, а има и периоди кога дел од времето си го посветувам себеси. Важно е да се чувствуваш исполнета и среќна и оваа состојба да им ја пренесеш на оние околу тебе.

 

 


Статијата е прочитана 1276 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско