„Кромберг и Шуберт Македонија“ го шири производството во земјава и во регионот

Најголемиот работодавач во државата, компанијата „Кромберг и Шуберт Македонија“ успешно се справуваше со последиците од пандемијата и другите последователни кризи, па продолжи да ја шири дејноста отворајќи нов погон во Илинден во Скопје, не намалувајќи го темпото на работа во веќе постоечките погони во Битола и Крушевац, Србија. Истовремено има постојано отворени конкурси за нови вработувања и тоа пред сѐ, поради иселувањето од државата, како и заради зголемување на работниот обем

 

МАРИЛИ: И покрај пандемијата и актуелните кризи, сепак, „Кромберг и Шуберт Македонија“ продолжува да го шири своето производство во земјава и во регионот. Кажете ни повеќе за новите погони во Скопје, односно што ќе се произведува и колку вработени ќе има во нив?

КШМК-Бт: Поминавме навистина неколку тешки и неизвесни години, при што секоја година се соочувавме со некоја нова криза. Најпрво во 2019 година започна кризата со недостиг на материјали и микрочипови, во 2020 година се појави пандемијата на КОВИД-19 што траеше во текот на цела 2021 година заедно со кризата со недостиг на материјали и сега во 2022 година дополнително војната во Украина и енергетската криза. Со многу напори, способност за приспособување, посветеност и слога успеавме да ги надминеме или, подобро речено, да најдеме модел да функционираме во новонастанатите услови.

Така, моментално во Битола имаме 5.300 вработени. Работиме на имплементацијата на новиот проект што ќе донесе и нови вработувања.

Моментално во Илинден имаме 750 вработени, тоа ни е нова браунфилд инвестиција што ја реализиравме поради потребата да се релоцираат проекти од Украина. Дополнително, во текот на 2023 година во Скопје, во Бунарџик, ќе градиме и нова фабрика во која ќе се воспостави инженерски центар за развој и иновации. Во Крушевац имаме 2.000 вработени.

Сите три фабрики се различни и посебни, специфични, сите се наоѓаат во различна фаза од развојот и на сите им се потребни различен тип внимание и поддршка. Во Битола работиме за Мерцедес, комбињата Вито, В класа и Спринтер, како и за Ауди, моделот А4. Во Илинден, во Скопје, работиме за БМВ, моделот Х1. Во Крушевац, во Србија, пак, произведуваме за Шкода и за Порше. На сите локации го произведуваме целиот кабел и директно извезуваме до клиентите за европскиот пазар на возила во Германија и во Шпанија.

 

МАРИЛИ: Компанијата има производни погони во два града во Македонија, како и во Крушевац, Србија. По што се разликуваат тие, дали секаде се произведуваат исти производи и колку успешно ги пренесувате искуствата од една фабрика во друга?

КШМК-Бт: Веќе претходно кажавме за кои модели на возила произведуваме кабли, во секоја од локациите. Во светски рамки „Кромберг и Шуберт Групацијата“, на која ѝ припаѓаме и ние, има 35 фабрики речиси на сите континенти, во кои се вработени околу 50.000 луѓе. Фабриката во Битола е најголем производствен капацитет во рамките на Групацијата, а мислам и во Македонија.

Со новиот проект максимално ќе ги искористиме, како просторните капацитети што ги имаме во Жабени, така и човечките капацитети, од аспект на работна сила, бидејќи процентот на невработени луѓе во регионот е мал, а сега има и конкуренција на пазарот на труд. Сето ова значи дека во Битола немаме повеќе можност за дополнително проширување, поради што направивме анализа каде во државата ќе можеме да ја обезбедиме потребната работна сила за новата фабрика и бројките ни покажаа дека, сепак, најголем број работоспособно население живее во Скопје и околината. Тука ќе имаме можност да регрутираме и од околните градови, поради што ја донесовме одлуката новите инвестиции да бидат во овој регион.

Во Битола, (КШМК-Бт), имаме најголем и најискусен тим, професионалци што работат заедно повеќе од 10 години и за кои не постои проблем што не можат да го решат, мајстори во својот занает, во вистинска смисла на зборот. Од Битола организираме поддршка за Илинден и за Крушевац.

Во Илинден, (КШМК-Ил), сите луѓе се нови. Таму сѐ уште сите учат и се запознаваат, како меѓусебно, така и со стандардите и процедурите на компанијата. Сѐ уште сме во фаза на тест-производство и се подготвуваме да започнеме со сериско производство. Сега сме фокусирани како да научиме да произведуваме квалитетен производ, да ги поставиме правилата и да воспоставиме структура. Иако е период што носи многу неизвесност, сепак, ова е најкреативен процес бидејќи убавината е во градењето, создавањето. Можноста да се гради нешто, особено денес, во свет кога има толку многу неизвесност и уништување, е вистински благослов.

Крушевац, (КШСР-Кр), постои веќе шест години и таму се наоѓаме во фаза на ребрендирање. На двата проекта во фабриката има зголемување на нарачките од клиентите и главен фокус е да се димензионираат мерките и активностите правилно да го изнесеме растот на производството и да го постигнеме бараниот квалитет. Тука треба да излеземе од рамките на воспоставените навики, да го смениме начинот на размислување и комуникација и да ги исполниме очекувањата и барањата на клиентите.

Во сите фабрики е многу динамично и добро е што преку таа динамика се создаваат и многу нови можности нашите луѓе да го реализираат својот потенцијал.

 

МАРИЛИ: Каква е состојбата во автомобилската индустрија денес кај нас (во државата има многу компании што се занимаваат со производство на автомобилски делови) и колку е таа атрактивна, пред сѐ, за младите луѓе, имајќи предвид дека имате постојано отворени конкурси за нови вработувања?

 

КШМК-Бт: Во денешно време автомобилската индустрија функционира во многу комплексни услови и мора секојдневно да се справува со разни предизвици (на глобално и на локално ниво), меѓутоа нуди и многу можности за професионален развој на младите луѓе. Друга дебата е колку денес воопшто се цени работата во светот кога многу луѓе се стремат да заработат „брзи пари“ без многу напор, кога за успешни се сметаат оние поединци што се погрешни примери и кои на сомнителен, односно криминален и коруптивен начин стекнале огромни богатства.

Дополнително, општо познато е дека голем проблем е иселувањето од државата, а тоа е предизвикано од генералната апатија во општеството, од безнадежноста дека нешто може да се смени и да биде подобро.

Без разлика дали некој ќе се пронајде во работата, во автомобилската индустрија или каде било во друга област, некогаш мора да оди на лекар, мора да извади некој документ или да има работа со некоја институција, некогаш треба да оди на суд, треба да го прати детето во училиште, итн. и сето тоа влијае врз квалитетот на животот.

Меѓутоа, не може сите да заминеме, некој мора да остане да работи, да верува и да се бори за себе, за фамилијата, за државата. Компаниите од  автомобилската индустрија нудат можности секој да може да најде вработување врз основа на личната способност, искуство и залагање. Има две причини зошто имаме постојано отворени конкурси за нови вработувања: иселувањето од државата (тоа ни е главна причина за флуктуација) и зголемување на работниот обем што доаѓа со новите проекти и иновации во производните процеси.

 

МАРИЛИ: „Кромберг и Шуберт во Македонија“ е веќе 10 години присутна на македонскиот пазар. Дали во овој период се создадоа услови за соработка со помали домашни компании?

КШМК-Бт: Условите ги создадовме ние, самоиницијативно, упорно и доследно. Во транзициoниот период кога локалните компании само што почнаа да соработуваат со странските инвестиции, бевме и сè уште сме компанија што постојано ги подобрува административните и производните капацитети на своите соработници. Напредната технологија што се применува кај нас подразбира и размена на технички информации и изработката на производи, како и обезбедувањето услуги според определени стандарди и процедури беше предизвик на почетокот од соработката. Успешно ги надминавме тешкотиите и од мали компании што растеа и созреваа денес имаме успешни примери за компании што го зголемија производството и бројот на своите вработени, благодарение токму на нашата соработка. И покрај турбулентните и неизвесните услови предизвикани од различни фактори (пандемии, недостиг на материјали, воени конфликти, промена на регулативи, итн.), цело време локалните компании остануваат во фокусот за соработка.

Партнерството, особено она долгорочното, секогаш е двонасочно, и ние добиваме многу за возврат - моментално во Македонија може да се пофалиме со компании што нудат висококвалитетни производи. Соработката станува и регионална, а тоа е причина повеќе домашните компании да бидат поконкурентни во секој поглед. Продолжуваме посветено со политиката на локализирање преку препознавање на потенцијалот и важноста на поддршката од локалната заедница.


Статијата е прочитана 4118 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско