Потребна е поддршка со развојна компонента насочена кон вистинските земјоделци

Интервју со Васка Мојсовска, сопственик и генерален менаџер на „Агро калем“, Тимјаник и претседател на Националната федерација на фармери. Мојсовска зборува за развојот на семејниот бизнис, новите производи, дискриминирањето на руралната жена и земјоделките и нивната борба за основни права, како и за потребата од континуирана поддршка на земјоделците за производство на домашната храна како би се намалила увозната зависност на државата

 

 

МАРИЛИ: „Агро калем“ е семеен бизнис. Кажете нѝ накратко, со што сѐ се занимава и со што располага компанијата?

МОЈСОВСКА: „Агро калем“ Тимјаник  е нашата семејна фирма која произведува сертифициран лозов и овошен саден материјал, трпезно грозје и житарки. Борбата за опстанок и егзистенција, мене и на сопругот ни ja наметна идејата за отворање на фирмата. Ние веќе 25 години работиме земјоделство, додека семејната фирма „Агро калем“ официјално постои 14 години , а во неа работат и синот Дарко и ќерката Ангела, која е дипломиран инженер за лозарство и овоштарство.

„Агро калем“ калеми половина милон лозови и овошни садници годишно, произведува трпезно грозје и житарки и обработуваме 70 хектари земјоделско земјиште. Нашите садници се сертифицирани, така што нашите клиенти потполно можат да бидат сигурни дека купуваат здраствено и сортно чисти садници за нивните нови долгогодишни насади. Произведуваме и трпезно грозје на најсовремени лозови насади со нови, современи технологии на производство.Трпезното грозје од „Агро калем“ секоја година се извезува на странските пазари . Како компанија редовно инвестираме во подобрување на квалитетот на нашите производи, така што имаме и сопствен ладилник каде што ги складираме нашите земјоделски производи пред продажба.

МАРИЛИ: „Агро калем“ има нов производ – маџун. Како дојдовте на идеја да почнете да го произведувате овој исклучително здрав производ, за колкаво производство станува збор и од каде може да се набави?

МОЈСОВСКА: Вклученоста во работата на лозовите насади во семејството и ниските откупни цени на грозјето е причината да креирам свои иновативни идеи што ќе ги вклопам во нашето производство и наместо сурови производи, во случајот грозјето, да го преработам и да им   додадам вредност на нашите земјоделски производи. Кога ќе се спомене производот грозје и преработки од грозје, веднаш се мисли на вино и ракија, но од грозјето се прават и други прехранбени производи што се многу здрави за конзумирање, за зајакнување на имунитетот, а една од тие преработки е и маџунот.

Бидејќи корона пандемијата нѝ покажа дека многу е важно за секој човек да има добар имунитет, една од причините поради што се решив за производство на маџунот беше токму тоа.

Мојата ќерка, Ангела Јовановиќ, како главен инженер агроном на „Агро калем“ објаснува дека маџунот е 100% природен без додаток на шеќер, адитиви и конзерванси. Помага за подобрување на здравјето, за зајакнување на имунитетот и крвта, лек е за настинки и инфекции на дишните патишта, за нарушена функција на црниот дроб, го намалува холестеролот, делува антиканцерогено, помага во регулирање на телесната тежна, жолтица, алкохолизам и цироза. 

Маџунот е хранлив како и мајчиното млеко и содржи: витамини (Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, А, Д), минерали (калиум, натриум, калциум, фосфор, железо), енергетски супстанци, танини, антиоксиданси, флавоноиди, гроздов и овошен шеќер. Се пијат една до две лажички маџун во денот, наутро и/или навечер, самостојно.

Процесот на изработка е долг и бара посветеност, а се изработува на традиционален начин. Ова е втора година на производство на маџунот и планираме секоја година да го зголемуваме и усовршуваме производството, за што најголема поддршка имам од сопругот, моите родители и семејството.

За да се произведе маџун најважен е квалитетот на грозјето, односно, многу е важен изборот на сортата грозје, потоа шеќерноста на грозјето и секако начинот на преработка, односно, најпрво се меле, потоа грозјето се пресува за да се добие гроздовиот сок - ширата. Потоа ширината се прецедува и се става да се вари околу 48 часа на одредена температура за маџунот да ја добие потребната густина.

Маџунот може да се купи директно од нас во Гранап маркетите и да се нарача на телефонскиот број 076/263 - 435 или преку нашите страници на социјалните мрежи Instagram: madzun.negotinski facebook: Домашен Неготински Маџун-Domashen Negotinski Madzun

МАРИЛИ: Вие, како претседател на Националната федерација на фармери вложивте огромни напори за подобрување на правата на руралната жена, па во таа насока НФФ со поддршка од Шведската организација за развој We Effect и од ресорното Министерство изготви пилот проект за социјална сигурност на жените што вршат земјоделска дејност. Кажете ни нешто повеќе околу самиот проект и кога ќе почне неговата реализација!

МОЈСОВСКА: Ние во НФФ се залагаме економски да јакне малиот земјоделец и земјоделството да биде вистинска професија. Она што е посебно значајно за нас е што успеавме преку нашата интензивна работа поддржана од Шведската организација за развој We Effect, од 2023 година да се спроведува Програма за обезбедување социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност, програма што ќе се спроведува од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопансво и Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој.

Токму преку оваа Програма ќе им биде овозможено на регистрираните земјоделки користење на надоместок за мајчинство за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, право кое не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи. Ова е пилот-мерка што ќе се реализира во 2023 година.

Ние од НФФ ќе продолжиме да работиме оваа мерка да биде системска и да е дел од Законот и понатаму ќе работиме да се најде соодветно решение и за боледувањето на регистрираните земјоделци.

Националната федерација на фармери во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за труд и социјална политика и Министерство за здравство формира работна група која работеше во текот на годината за изнаоѓање на соодветно решение. Во групата исто така активно учество зедоа преставници од УЈП, ПИОМ, ФЗО, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Работата на групата е поддржана од Шведската организација за развој We Effect.

Во буџетот за 2023 година се предвидени средства за финансиска поддршка во вид на 9-месечен надоместок на жените индивидуални земјоделци кои ќе родат дете во текот на 2023. Висината на надоместокот и начинот на остварување ќе бидат пропишани со Програма донесена врз основа на Законот за извршување на буџетот за 2023 година.

На ваков начин ќе биде овозможена поддршката сѐ додека правото на платено породилно отсуство на индивидуалните земјоделки не биде системски уредено во законите од областа на работните односи, пензиското, социјалното и здравственото осигурување.

Оваа е проблем кој постои 30 години во државата и од оваа година за првапат ќе се пилотира решение со кое земјоделките ќе добиваат надоместок за мајчинство поради спреченост за извршување на земјоделската дејност. Ова го потенцираме и кажуваме бидејќи со една политика, програма се овозможува да се развива земјоделството како професија и ќе се влијае позитивно за зголемување на бројот на регистрирани земјоделки чија основна дејност им е земјоделството, а исто така ќе се влијае позитивно и на зголемување на бројот на млади фармери и жени фармери сопственички на земјиште, бидејќи согласно прописите на ПИОМ регистриран земјоделец е оној кој е сопственик на земјоделско земјиште или има земјоделско земјиште под наем. 

МАРИЛИ: За свесноста за правата на руралната жена Вие работите интензивно, а се забележува и голема медиумска поддршка. Колку сето тоа помогна за решавање на проблемите со кои се соочуваат земјоделките сите овие години?

МОЈСОВСКА: Желбата за борба за правата на руралните жени ми се роди уште кога бев дете, бидејќи тогаш гледав како женски членови од нашето семејство се дискриминирани и беа изоставени од сите делби и поделби на имотот, немаа културен и социјален живот, ниту, пак, одмор за себе, немаа можност да се вработат некаде и да имаат сопствен приход. И така беше во речиси сите семејства од рурални средини. Ние како деца бевме дискриминрани со тоа што не одевме во градинки како децата од урбаните средини, не посетувавме курсеви за странски јазици, не посетувавме театри и кина и не можевме да имаме спортски активности  како децата од урбаните средини, бидејќи по селата ги немаше тие услови. За жал и денес повеќето села во Македонија ги немаат овие услови и некои од децата од рурални средини сега исто така се соочуваат со овие проблеми како што сме се соочувале јас и моите врсници.

Многу е мал бројот на жените во руралните средини што се поддржани од своите семејства во тоа што го работат, а најголема причина се традиционални бариери кои се присутни најмногу во селата. Само 5% од руралните жени имаат свој недвижен имот, а тоа покажува колку тие се борат за своите права. Бидејќи тие со Законот кој ги регулира имотно – правните односи можат да си побарат дел од имотот од сопствените родители, но не сакаат бидејќи сметаат дека имотот им припаѓа на машките деца, а не на ќерките и така и тие ги учат соспствените деца. И тоа си трае.

Жените од руралните средини се соочуват со голем број предизвици, а тоа се социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и слични јавни и социјални услуги.

Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47% од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми.

Секогаш велам дека истрајноста, самодовербата, трпението и трудољубивоста секогаш треба да се присутни кај секоја жена што сака да успее во својата работа.

Ништо не се добива преку ноќ, треба многу труд, работа, самодоверба, трпение и секако, надоградување и учење. Да имаме амбиции и цели во животот, но секогаш чекор по чекор да ги остваруваме тие цели. Не за џабе се вели трнлив и тежок е патот кон реализација на амбицијата што ја имаме, но мораме да сме упорни.

Потребна е поголема информираност, поддршка и социјалзација на жените од руралните средини. Оние што завршуваат факултети, без разлика дали се мажи или жени, ги напуштаат селата, а токму таквиот кадар треба да се поддржи и да го гледа својот живот во селото. Тоа може да се направи доколку има развиено село и добар приход преку пласманот на земјоделските производи. Затоа треба да го развиваме земјоделството преку земјоделците и руралното население.

Промените што сакам да се случат во следните пет години кај жената од рурални средини е да ја видам жената која целиот живот работи и егзистира од земјоделство, како успешен претпримач со зајакната економска и социјална моќ, посилна во образовната надоградба и која гордо чекори во околината каде што живее и се бори за своите права што со закон и следуваат. Сакам да видам како жената нема да се грижи кој ќе и ги чува децата додека работи, бидејќи ќе бидат згрижени во градинки.

Многу е визионерски, но јас сакам да верувам дека еден ден ќе се исполни оваа моја визија за руралната жена.

МАРИЛИ: Производството на храна во услови на големи прехранбени и енергетски кризи станува витален сегмент на секое опшество. Какви се согледувањата на НФФ за тоа каде може најбрзо да се реагира во производството и на кои видови храна, со што би се ублажиле ценовните шокови на прехранбените производи?

МОЈСОВСКА: Земјоделството е исклучително значаен сектор за обезбедување стабилна економија, посебно во делот на обезбедување на храната во овие кризи кои се редат година за година. Огромни штети и загуби во земјоделството предизвикаа корона, енергетската и воената криза.

НФФ преку својот секторски систем за лобирање и оваа година ги анализираше состојбите и преку свои активности исто така дејствуваше и лобираше за соодветни промени. Во последните 15 години производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните цени се намалуваат. За да бидат уште поголеми маките на земјоделците, тука се и негативните влијанија на климатските промени кои прават големи штети во сите земјоделски сектори.

Сметаме дека во политиките и стратегиите за земјоделство треба посебно да се даде акцент на климатските промени, кои навистина се голем проблем за нас земјоделците и мора да го прилагодиме производството на новите климатски промени. Колебливоста на климата е веќе зголемена во Македонија и нашата држава веќе стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди особено поплави, суши, екстремни температури, град и земјотреси.

Она што најмногу го погодува македонскиот земјоделец се ниските откупни цени и овој тренд е забележителен во последните 15 години што ги доведува примарните земјоделски производители во ранлива положба во поглед на стопанските и деловните активности, како и нивниот животен стандард.

Она што може да се дефинира како значајни проблеми и предизвици во делот на пласманот на земјоделството се ниските откупни цени, неорганизираност кај самите земјоделци, нелојална конкуренција која го има монополот на пазарот за откуп, непостоење на договорно производство, недостаток на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците, недостаток на едукација за претприемаштво.

Исто така загрижува и економската криза, руско - украинската војна, при што ние како увозно зависна земја ќе се соочиме со негативни влијанија врз македонската економија. Има поскапување на прехранбените производи, а тоа се случува секаде во регионот, па и во светот, каде што најголема штета претрпуваат земјоделците и потрошувачите.

Ова е парадокс во економијата каде што имаме поскапувања на прехранбените производи, а примарните земјоделски производи се со ниски откупни цени, без разлика што и тука цените на инпутите, како што се струја, нафта, заштитни препарати, ѓубрива растат, а сезонска работна сила нема или е многу скапа.

МАРИЛИ: Нашата земја е одлично поднебје за производство на храна, но потребни се долгорочни мерки и законски решенија со кои ќе се гарантира континуитет на производството за земјата да не биде толку узвозно зависна од основни прехранбени производи. Какви се Вашите размислувања во таа насока, особено во областа на сточарството и обновувањето на сточниот фонд?

МОЈСОВСКА: Сметам дека сите поддршки, програми, мерки треба да се креираат во насока да бидат наменети за вистинските земјоделци, односно за земјоделците на кои земјоделството им е единствена егзистенција. Заеднички став на сите е дека поддршките треба да имаат развојна компонента и да се насочени за вистинските земјоделци.

Исто така, потребни се и поголеми мерки и поддршка за заштита на земјоделското производство од климатските промени. Функционирање на договорено производство каде ќе немаме вишок или недостаток на земјоделски производи.

Функционални и нови системи за наводнување се потребни во секој дел од Македонија, се со цел водата за наводнување навремено да стигне до секоја земјоделска површина, бидејќи водата е основна за квалитетот на секој земјоделски производ. Развојот на руралните средини, исто така треба да биде приоритет, затоа што добра развиена инфраструктура е клучна за живот во руралните средини каде што секој човек ќе ги има истите услови за живот како и луѓето во урбаните средини и ќе има социјална, културна, спортска, образовна и здраствена услуга и во селото.


Статијата е прочитана 1188 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско