Mенаџeрите на иднината треба да се подготвени за нови работи и отворени кон нови енергии и настани

Интервју со Тања Евросимовска, претприемач со повеќе од 20-годишно искуство во различни компании, основач на Матрона Конс и Export Academy, контролор на Би-МЕК ДОО и директор на Папапостолоу Белград ДОО. Во интервјуто Евросимовска говори за над двецениското успешно работење на компанијата Би-МЕК која донесе многу новитети и современа медицинска апаратура на нашиот пазар, како и за компанијата „Матрона Конс“  чијшто генерален менаџер е Евросимовска. „Матрона Конс“ е консултантска компанија која работи на промоција на извозот, интернационализација на бизниси, стратешки развој на компании и извозни образовни програми на мали и средни претпријатија во регионот.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер на повеќе компании, како што е Би-МЕК ДОО. Кажете ни за почетоците, што значеше пред повеќе од 20 години да се започне Би-МЕК и што придонесе за нејзиниот успех?

ЕВРОСИМОВСКА: Изминатите години, донесовме многу новитети и современа медицинска апаратура на нашиот пазар, секогаш следејќи ги светските трендови, поставивме нови стандарди и постигнавме одлични резултати како тим. Многубројните успешно реализирани проекти и задоволните клиенти, како во јавниот, така и во приватниот здравствен сектор го потврдуваат тоа. Кога ќе се навратам наназад, од тоа како започнавме со двајца вработени и огромна желба да успееме барем малку да придонесеме во македонското здравство до она што Би-МЕК е денес, пресреќна сум што сум дел од една ваква успешна компаниска приказна. Особено сум горда што оваа година прославуваме 20 години успешно работење на македонскиот пазар.

МАРИЛИ:  Со што сѐ се занимава денес Би-МЕК? Со колку светски производители на медицинска опрема соработувате, колкава е бројката на Ваши клиенти и бизнис партнери? Дали сте присутни надвор од македонскиот пазар?

ЕВРОСИМОВСКА: Денес, Би-МЕК е синоним за професионалност, грижа за клиенти, посакуван работодавач и партнер за стабилна и долгорочна соработка.  Успеавме да оствариме партнерска соработка со повеќе од 30 врвни светски производители на медицинска опрема, а со тоа да реализираме  долгорочни договори со над  1000 клиенти за инсталирани околу 1600 медицински уреди низ Македонија.

Би-МЕК е дел од групацијата Papapostolou Healthcare Technologies Greece, основана во 1914 година, лидер во продажбата и сервисирање на висококвалитетна медицинска технологија во регионот.

Нашата компанија се карактеризира со долга традиција и знаење во индустријата за снабдување, техничка поддршка и интегрирани услуги на медицинска опрема за болници, клиники и приватни центри и долги години сме присутни и во други балкански земји (Грција, Романија, Бугарија и Србија).

 

МАРИЛИ: Која е мисијата на Би-МЕК и кон кои цели се стреми во иднина? Колку се важни општествената одговорност и хуманоста зa Вас?

ЕВРОСИМОВСКА: Од денот на основање, па сѐ до денес, ја следиме нашата мисија да испорачаме максимални вредности на нашите клиенти и да обезбедиме континуитет во високо професионална поддршка и задоволување на сите потреби на пазарот за медицинска опрема како и воведување на сите новитети и напредни технологии паралелно со светските трендови.  Вложуваме многу труд и посветеност и со извонредниот тим на Би-МЕК ќе продолжиме да работиме одговорно и секогаш подготвени да ги исполниме и најсложените барања на клиентите.

Низ годините, Би-Мек активно учествува на медицински стручни собири,  симпозиуми, конгреси а секогаш ги поддржува младите лекари и идни специјализанти и оваа година даде своја поддршка за здружението на Македонска медицинска студентска асоцијација и на Европската Медицинска Студентска Асоцијација.

За нас општествената одговорност и хуманоста значат одговорност, а ние тоа го правиме низ различни активности, донации како и поддршка на идните лекари бидејќи вложување во општеството е одговорност за сите нас. Како на пример, Би-Мек е добитник на признание за општествена одговорност во 2011 година и награда за општествено одговорна компанија во 2016 година, а честопати дониравме и во институции кои згрижуваат деца без родители или деца со атипичен развој.

МАРИЛИ: Основач сте и на консалтинг компанијата „Матрона Конс“. Кажете нѝ, со кои дејности се занимава компанијата?

ЕВРОСИМОВСКА: „Матрона Конс“ е консултантска компанија која работи на промоција на извозот, интернационализација на бизниси, стратешки развој на компании и извозни образовни програми на мали и средни претпријатија во регионот на SEE/Балкански регион (www.matronacons.com и www.exportacademy.io). „Матрона Конс“ е основана во Скопје, а со текот на годините имаме отворено свои подружници во Белград и Љубљана за ширење на дејноста низ целиот регион.

„Матрона Конс“ е ексклузивен застапник за неколку водечки брендови, вклучително и RGX – глобален извозен експерт, меѓународна компанија за бизнис консултантски услуги со присуство во повеќе од 60 земји (www.rgxonline.com). Наша мисија е да ги поврземе луѓето и компаниите во регионот, па и ширум светот, да одржуваме посветен тим на консултанти и да обезбедиме дополнителна вредност што ќе резултира со извонредни перформанси и иновативни решенија. Вредностите кои ја водат нашата компанија до успех се довербата, ентузијазмот, упорноста и професионализмот. Особено сакаме да им помогнеме на помалите македонски компании, тие со женски претприемачи за да излезат надвор од македонските граници, да создадат конкурентен производ и да најдат стабилни партнери на странските пазари.

Дополнително, „Матрона Конс“ регистрираше посебен огранок во Македонија, наречен Извозна Академија или Export Academy која соработува со Export-Akademie Baden-Württemberg од Германија (https://eabw.org/en/ ) и ICS Internationalisation Center Styria од Австрија. Заеднички креиравме еден многу интересен проект за тренинг едукации на македонските компании со цел да се поддржат компаниите во развивањето на практични извозни вештини кои ќе го олеснат нивниот раст и просперитет.

„Матрона Конс“  заедно со EABW и ICS преку  практични обуки во областа на извозот ќе помогнеме во тоа компаниите да започнат со извоз или уште поуспешно да извезуваат. Како да се зголемат извозните активности (количински и финансиски), како да се зголеми бројот на странски деловни партнери, како да се иницира внатрешна организациска промена која ќе го опслужува извозот, како да се прилагодат производите и да се прошири портфолиото (дизајн, квалитет, декларации), како да се усвои управување со зелената технологија и технологии пријателски за животната средина се некои од темите кои се опфатени на овие обуки.

Работиме и на организирање на различни настани за поврзување на компании од други држави. Претходната година работевме на еден таков настан во Казахстан, а оваа година гледаме интерес за грчкиот пазар, за пазарите од Среден Исток (Дубаи, Катар, Оман..), итн. Со неколку македонски компании потпишавме договори за нивно претставување на грчкиот пазар со цел да им помогнеме да најдат долгогодишни партнери за пласирање на нивните производи/услуги на тој пазар. Заинтересирани компании може да се обратат кај нас и да ги известуваме за следни активности.

МАРИЛИ: Колку е важен консалтингот за малите и средни претпријатија од земјава, кои се извозно ориентирани?

ЕВРОСИМОВСКА: Малите и средни претпријатија играат клучна улога во македонската економија со 99% од бројот на вкупни компании, 74.2% придонес во број на вработени, 63.4% придонес во бруто домашниот производ. За да опстанат и успешно да се развиваат, исклучително е важно компаниите покрај македонскиот пазар, да се стремат кон регионот, а и подалеку. Кај  нас има и многу интересни случаи кога компаниите се основани со цел единствено да извезуваат.

Тоа што се случува не само кај нас, туку и пошироко е фактот дека помалите компании имаат многу ограничени ресурси, банките не секогаш сакаат да ги поддржат за кредитирање на пласмани на странски пазари и често пати се спречени да инвестираат во консалтинг услуги за извозни решенија, за разлика од поголемите компании. Затоа е многу битна поддршката од државните институции надлежни за извоз и развој на компаниите во зголемување на извозните капацитети на компаниите. Но и тоа се менува, па веќе имаме примери на неколку институции и министерства кои се подготвени да поддржат извозни активности.

Најбитната причина зошто консалтингот е важен за ширење на бизнисите на странски пазари е намалување на ризикот од скапи грешки, неуспешни чекори на странските пазари, финансиски компликации, грешки во врска со потпишувањето на лош договор, итн. Неколку активности кои ги правиме за нашите клиенти се истражување на странските пазари и стратегии за влез, вклучувајќи ги преференциите на потрошувачите, конкуренцијата, регулативите и културните разлики, истражување за потребните увозни документации и стандарди потребни за увоз на даден пазар, вмрежување и наоѓање клиенти, партнери, дистрибутери, идентификување на саеми, бизнис форуми и други настани, контактирање со комори, амбасади и здруженија, консалтинг услуги за специјализирани решенија за финансирање и логистички аранжмани за поддршка на меѓународните трговски активности, советувања во врска со потпишување на договори како и преговарање и лобирање за подобро позиционирање на производот на странскиот пазар.

МАРИЛИ: Со оглед на неколкуте последователни кризи, ковид, енергетската и прехранбената криза, во кои сектори беа најпотребни Вашите консултантски услуги?

ЕВРОСИМОВСКА: COVID-19 пандемијата, енергетската криза и кризата со храна влијаеја на глобалните пазари и создадоа предизвици за бизнисите во различни сектори. Како резултат на тоа, консултантски услуги за извоз и интернационализација беа особено потребни во одредени сектори. Еве неколку примери:

Здравство и фармацевтски производи: Пандемијата ја истакна важноста на здравствениот сектор со значителна побарувачка за здравствени производи, фармацевтски производи и медицински материјали, на глобално ниво.

Земјоделска храна и земјоделство: Кризата со храна и нарушувањата во глобалните синџири за снабдување со храна поставија предизвици за земјоделско-прехранбените и земјоделските сектори и потребни се консултантски услуги за да им се помогне на малитете и срдени претпријатија (МСП) во овие сектори да идентификуваат алтернативни пазари, да ги оптимизираат синџирите на снабдување и да се усогласат со безбедноста на храната и регулаторните барања во различни земји.

Производство и оптимизација на синџирот на снабдување: Нарушувањата во глобалните синџири на снабдување предизвикани од пандемијата и енергетската криза ја истакнаа важноста на робусното управување и оптимизација на синџирот на снабдување.

Пандемијата им укажа на големите компании дека не секогаш Кина е единствениот избор за место на производство, и потврди дека стратешка локација како Македонија во Европа е одлична за развој и производство на одредени производи и услуги.

Исто така, тоа што мора да се потенцира кога разговараме за кризите во последните години и извозот е непобитниот факт дека online работењето ни покажа дека можеме да бидеме присутни било каде и дека светот нема граници и за нашите производи или услуги. Ова ни отвора многу можности за работа на странски пазари и тоа треба да го искористиме колку што е можно побрзо.

МАРИЛИ: Низ колку и какви трансформации поминавте лично со оглед на вашето менаџерско искуство во различни дејности. Што е важно за преадаптација и трансформација на еден менаџер кој мора да ги следи современите трендови и развој на бизнисите?

ЕВРОСИМОВСКА: Верувам дека секој човек треба постојано да се надоградува и да ги проширува своите хоризонти за да може да опстане во денешниов брз и екстремно флексибилен начин на живот. Тоа значи обуки за подобрување и доедукации и на професионален, но и на емотивен и духовен план за да се биде задоволен и исполнет пред сѐ со самиот себе.

Јас не би кажала дека тоа е преадаптација и трансформација, туку секојдневно менаџирање, подготвеност за нови работи и отвореност кон нови енергии и настани, дополнителни специјализации во одредени сектори.

А потоа повисоката интелигенција ги отвора патиштата на секој еден од нас. Најбитно е да се чувствуваме себе си и да трагаме по тие пориви за нови неоткриени хоризонти. Да не се плашиме од новото, туку напротив да одиме со позитивна енергија, особено кога ни го нарушува комфортот. А кога човек има позитивни намери и светла мисла, верувам дека тоа и така му/и се враќа назад.

МАРИЛИ: Од каде Тања Евросимовска ги црпи ентузијазамот и ведриот дух? Што прави Тања во слободното време и кој е нејзиниот „ветер во грб“?

ЕВРОСИМОВСКА: Јас во принцип сум доста позитивна личност. Во суштина така ме познаваат пријателите, колегите, фамилијата. Ја сакам изреката на Опра Винфри -Биди благодарна за тоа што го имаш, и така ќе добиеш повеќе. Но ако се насочиш на тоа што го немаш, тогаш никогаш нема да имаш доволно.

Го сакам животот и убавите работи, патувањата, природата, уметноста. Мене можеш да ме најдеш во канцеларија или на пат, на јога или планина, во црква, филхармонија или на некоја комедија, а не ретко и на некоја рок забава.  Верувам дека мора да постои избалансираност за да има исполнетост и за да можеме да креираме нови работи и да оставиме убав печат во ова општество. Неизмерно сум благодарна на сите околу мене, пред се на мојата фамилија која ме поддржувала во сите мои предизвици, на моите пријатели и најблиски, со кои често се дружам и смеам, и секако на моите колеги без кои не би можела да ги реализирам сите идеи, проекти и замислени активности. 


Статијата е прочитана 2773 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско