Комплексните општествени појави и економски предизвици налагаат холистички пристап и мултидисциплинарни познавања од повеќе области

Интервју со д-р Александра Наќева Ружин, специјален советник на министерот за финансии, поранешна македонска амбасадорка во Кралството Шведска, потпретседател на Советот на амбасадори, исклучителен професионалец со плодно 25-годишно работно искуство во јавниот и во приватниот сектор. Во интервјуто говори и за своите професионални искуства стекнати од дипломатскиот мандат во Шведска, но и за професорската работа.
МАРИЛИ: Имате богата 25-годишна кариера на високи позиции во јавниот и во приватниот сектор. Невообичаено за македонски услови е таква мобилност на професионален план помеѓу различни ресори и сектори, па нѐ интересира, која е вашата инспирација и водилка на професионален план?
НАЌЕВА РУЖИН: Мобилноста на професионалниот кадар од еден во друг сектор претставува стандард во западните економии, и истата соодветно се уважува и поттикнува и од институциите на системот. Имено, покрај кариерен развој на индивидуата, мобилноста овозможува стекнување на знаења и вештини и согледување на перспективите и капацитетите на различните сектори, што е клучно за унапредување на процесите на работа и придвижување на целата економија и општество напред.
Истото е, меѓудругото, поттикнато и со институционални механизми кои овозможуваат тесна соработка помеѓу државните институции, академијата и приватниот сектор, или т.н. трократен хеликс (анг: Triple helix), кои се воспоставени со цел градење партнерства и обезбедување инклузивен процес во усвојувањето на јавните политики.
Ваквата перспектива на мобилноста на кадрите, за жал, сѐ уште не е интегрирана во начинот на размислување и делување кај нас, кадешто, како рецидив од минатиот систем, првото работно место во одреден сектор неретко претставува и дестинација за пензионирање. Оваа пракса не ги одразува комплексните појави и предизвици во економијата и општеството на национално и глобално ниво, коишто налагаат примена на холистички, мулти-дисциплинарен пристап и ангажирање индивидуи со широки познавања во различни области и сектори. Оттука и потребата за менување на перцепциите и очекувањата, како и прифаќање на премисата дека партнерството помеѓу институциите на системот, академската јавност и приватниот сектор е основа за креирање и спроведување на јавни политики кои се во најдобар интерес за бизнисот, граѓаните и општеството во целина.
Во мојот случај, покрај огромното искуство од работа во странство и со странски организации во земјата, а што е заслужно за моето рано прифаќање и делување согласно принципите опишани погоре, објаснувањето може да се најде и во мојот темперамент и немирен дух, како и во фактот дека во суштина сум „бубалица“ со природен интерес во бројни области и актуелни технологии и процеси кои ги диктираат светските трендови во бизнисот и јавниот сектор.
МАРИЛИ: Кои се сегашните Ваши надлежности во рамки на Министерството за финансии кое минатата година ве дочека со „Добрдојдовте дома“ со оглед на тоа дека сте профилиран кадар на оваа институција од поодамна?
НАЌЕВА РУЖИН: Неизмерно сум благодарна за можноста да се приклучам на тимот во Министерството за финансии, особено во вака турбулентен период за фискалната политика во земјата и воопшто на глобално ниво. Постојно, во Министерството имам надлежност во доменот на јавните приходи и даночната и царинската политика, управувањето со јавните финансии, политиките за формализација на неформалната економија, како и за координирање на техничката помош од ММФ и соработката со Министерството за финансии на САД во сферата на даночната и царинската администрација.
Во институцијата, навистина, се чувствувам како да се имам вратено „дома”, со оглед што во овој ресор извршував одговорни позиции во периодот пред дваесетина години. Во тој период во Министерството преминав од позицијата Координатор за пензиските реформи кои се спроведуваа во Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светската банка.
Несомнено дека се работеше за мошне атрактивна позиција која овозможуваше секојдневна соработка со најреномираните светски експерти во областа на пензиските политики, од кои причини, во тоа време мислев дека не постои позиција која може да понуди поинтензивно учење и да биде позначајна за мојот професионален развој од онаа во Светската банка.
Но, тоа траеше сѐ до моментот на премин во Министерството за финансии, кое заслужено и гордо го носеше пиететот на ризница на знаење, кошница на таленти, и извор на амбиција, стручност и одважност за спроведување на крупни, системски реформи кои го воспоставија буџетскиот, трезорскиот и финансискиот систем на начин што е задржан и до денеска.
Во тој период, во Министерството најпрво бев назначена за советник на министерот и потоа помошник раководител на Секторот за финансиски систем, за набрзо потоа да ја преземам функцијата државен советник надлежна за Секторите за буџет и за внатрешна ревизија, како и координатор на Проектот на Светска банка за реформи во јавниот сектор. Воедно, бев задолжена за формирање и раководење со новиот Оддел за супервизија на осигурувањето и за стекнување на статус на член во Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори. Покрај овие надлежности, бев и дел од преговарачките тимови на Министерството за финансии со ММФ, Светската банка и Светската трговска организација, и член на Редакцискиот одбор на Билтенот кој во тоа време го издаваше Министерството.
Навраќајќи се назад на тој период на мој иницијален ангажман во Министерството за финансии, а и денес, можам да констатирам дека не постои институција во системот која е подинамична, со поинтензивни активности и со поголема одговорност, и тоа не само за реализирање на функциите на државата, туку пред сѐ за обезбедување на услови за долгорочен и одржлив раст и развој на економијата и остварување на највисоките стратешки цели и приоритети на државата.
МАРИЛИ: Како се движат трансформациите во делот на јавните финансии кои нѝ се наметнати од Европски институции, а се со цел придвижување кон ЕУ? Колку се тие важни за побрза интеграција?
НАЌЕВА РУЖИН: Како ко-претседавач на Секторската работна група за Управување со јавните финансии (УЈФ) на ниво на Министерството за финансии, можам да констатирам дека досега е постигнат значаен напредок на овој план, и тоа во сите сегменти на УЈФ. Само во последната година е постигнат крупен исчекор со усвојувањето на новиот Закон за буџети со кој се поставени основите за понатамошно унапредување на буџетското управување, и тоа во сегментите на среднорочната буџетска рамка, годишниот буџетски процес и кредибилитетот на процесот на планирање на приходите и расходите, буџетското извршување, квалитетот на управување со јавниот долг, и транспарентноста и сеопфатноста на буџетското известување и надзор над истото. Воедно, со овој закон се овозможува зајакнување и на функциите на внатрешна контрола и ревизија и надворешната ревизија на буџетските корисници, а се поставени и основите за развој и имплементација на новиот Интегриран информациски систем за финансиско управување (ИФМИС) во Министерството за финансии и новиот Интегриран даночен информациски систем (ИТИС) во УЈП.
Во овој капацитет го предводев тимот на Министерството за финансии на билатералниот скрининг во областа на Реформи во Јавната администрација (РЈА), кој се одржа во Брисел, во декември минатата година. Процесот на скрининг беше исклучително значаен за земјата и институциите на системот од причина што УЈФ, како интегрална и најкомплексна компонента на РЈА, која пак е една од основните хоризонтални области во процесот на пристапување кон ЕУ, претставува клучен репер според кој Европската Комисија (ЕК) ќе го оценува напредокот на земјата на пристапниот пат, т.е. дали поседуваме институционален капацитет за спроведување на acquis и за преземање на обврските од членство во ЕУ согласно Копенхашките критериуми. Оттука и зајакнатиот фокус на ЕК врз УЈФ, како и интересот и активната улога на меѓународните финансиски институции и останатите билатерални донатори во оваа област.
Сепак, и покрај досегашниот напредок, свесни сме и за подрачјата на УЈФ во кои има потреба од понатамошен зајакнат фокус од домашните институции и од понатамошна соработка со меѓународната заедница, што е соодветно предвидено со Програмата за реформи на УЈФ 2022-2025 година. Не помалку значајни за забрзан напредок на земјата на пристапниот пат кон ЕУ се и реформите во Поглавјето 16 - Оданочување, за кое, како Раководител на поглавјето, го предводев меѓуресорскиот тим од Министерството за финансии, УЈП, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, ДКСК, ТИРЗ и останати институции, на билатералниот скрининг во Брисел, во март оваа година.
Како и за УЈФ, и овде станува збор за многу широко и комплексно Поглавје во кое нѐ очекува уште многу работа на хармонизација на домашната регулатива со Директивите и Регулативите на ЕУ. Оттука и посветеноста на Министерството за финансии и останатите институци на подготовка на придонесот на земјата и водење на пристапните преговори со ЕК во ова Поглавје, и тоа во континуираната соработка со ЕУ, ММФ, ОЕЦД и Светската банка.
МАРИЛИ: Вие сте исто така и потпретседател на Советот на Амбасадори. Кажете нѝ нешто повеќе за активностите на Советот и неговата улога во земјата?
НАЌЕВА РУЖИН: Советот на амбасадори (СА) е независно, непартиско и непрофитно здружение основано во 2019 година од истакнати членови на нашата дипломатија - поранешни амбасадори и министри за надворешни работи. Ми претставува чест што уште од самото основање сум дел од СА како член на Извршниот одбор, а веќе од 2021 година и како Потпретседател на здружението.
Целта на СА е давање професионален придонес во креирањето и спроведувањето на надворешната политика и интеграцијата на земјата во ЕУ, преку тесна соработка со носителите на надворешната политика - Претседателот на државата и Министерството за надоворешни работи, како и со Делегацијата на ЕУ и странските дипломатски мисии во Северна Македонија.
СА е високо респектирана организација во дипломатските кругови во земјата и странство.